Денес од 17 часот во изложбениот салон на ЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп, пијано-рецитал ќе одржи истакнатата пијанистка Ана Гацева. На програмата на концертот поддржан од Министерството за култура на РМ има исклучителен избор на дела од Дебиси, Равел, Шуман, Сати и Гинастера.
Денешниот концерт на пијанистката Гацева во Прилеп доаѓа по нејзината неодамнешна успешна турнеjа во Холандија, каде нејзиниот настап е оценет како моќен и екстремно експресивен. Гостин на вечерта е Татјана Џорлева.
Ана Гацева работи како редовен професор по пијано на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Таа е автор на книгата „Пијанистички техники во концерти на композитори-изведувачи од светската музичка сцена“. Во текот на своето усовршување, Гацева соработувала со врвни пијанисти и педагози. Во 2012 година е добитник на високата награда „Георги Божиков“ за најдобар музички изведувач, која ја доделува Сојузот на композиторите на Македонија.