3.8 C
Skopje
Wednesday, November 27, 2024

(ВИДЕО) Димитров: Во Рига формирана Парламентарна група за пријателство со Македонија

Во рамките на регионалната посета на Балтичките земји MНР Никола Димитров на 1 и 2 ноември 2017 година престојуваше во работна посета на Република Латвија. Министерот Димитров оствари средба со својот домаќин, министерот за надворeшни работи на Република Латвија, Едгарс Ринкевич, министерот за одбрана, Раимондс Бергманис, како и со потпретседателот на Парламентот на Латвија, Инесе Либина Егнере.

На средбата со министерот Ринкевич, Димитров ja претстави одлучностa на Владата да ги реализира неопходните реформски активности со цел Република Македонија да стане полноправна членка на ЕУ и НАТО. Тој потенцираше “Ние не само што не се плашиме од строги стандарди, туку и ги поддржуваме како неопходен услов за подобрување и засилување на нашите институции. Евроатланската интеграција стимулираше стабилност и просперитет во Балтикот, што треба да служи како пример и инспирација и за Балканот”. Исто така министерот Димитров го информираше латвискиот колега и за активностите преземени во функција на суштинско унапредување на добрососедските односи и регионалната соработка.

Министерот Ринкевич ги поздрави и даде отворена поддршка за реформските политики на Владата, истакнувајќи дека Латвија принципиелно и со засилен интензитет ќе продолжи да ги поддржува напорите на Република Македонија за зачленување во ЕУ и НАТО. “Oд страна на Република Латвија постои и волја и подготвеност за поддржување на македонското членство во ЕУ и НАТО”. Показател за тоа е и формирањето на нова Парламентарна група за пријателство со Македонија која ќе помогне во продлабочувањето на конструктивната соработка меѓу двете земји.

Новата Парламентарна група за пријателство е конкретен показател за искрената поддршка за Република Македонија која на МНР Димитров му ја пренесе и потпретседателката на парламентот на Латвија, Инесе Либина Егнере, на средба во латвискиот парламент. Таа изрази и спремност за засилување на соработката помеѓу парламентите. Силна поддршка за Република Македонија дојде и од Лолита Чигане – претседавач на Комисијата за европски прашања според која “македонското општество е цврсто и издржливо дури и во време на кризи. Македонија заслужува позитивен фидбек кој може само да го охрабри продолжувањето на потребните реформи.”

Воедно таа додаде дека „Балтичкото искуство e доказ за позитивното влијание на ЕУ и изрази надеж дека таква улога ЕУ ќе игра и на Балканот”.

На реномираниот „Латвиски институт за меѓународни работи“ во рамките на експертската дискусија министерот Димитров се осврна на предизвиците на Република Македонија со кои се соочува на патот до ЕУ и НАТО. Министерот Димитров даде интервјуa за ЛТВ1 – националната ТВ на Латвија, ТВ24 и латвиското национално Радио. Регионалната балтичка турнеја завршува утре со работна посета на Литванија.

поврзани објави

Последни објави