5.8 C
Skopje
Wednesday, November 27, 2024

Бакардан или Качамак

Состојки: 
– 500 гр. пченкарно брашно
– 1200 мл вода
– 1 лажичка сол
– малку масло за готвење
– 300 гр. сланина (може и пушена)
– 300 гр. сирење
– 2-3 пиперки
-магдонос или пресен кромид

Подготовка:
Во тенџере ставете ја водата да зоврие и додадете ја солта. Кога ќе зоврие водата, тргнете го тенџерето настрана и полека додавајте го брашното (со нежно посипување) така да брашното остане на површината (не смее да пропадне долу). Со рачка од дрвена лажица направете 4-5 дупки (забодете ја рачката неколку пати во брашното, така да пропадне до дното). Намалете ја температурата на ринглата на најслабо и вратете го тенџерето врз ринглата. Водата ќе почне да врие и да излегува низ дупките што ги направивте во брашното. Водата не смее да врие многу силно. Оставете го бакарданот да се вари околу половина час. Во тавче пропжете ја сланината. Потоа додадете ги и исечканите пиперки. Откако ќе поминат 30 минути, тргнете го тенџерето настрана и извадете една чаша од течноста (околу 200 мл). Не ја фрлајте оваа вода.
Содржината на тенџерето се меша со рачка од дрвена лажица додека брашното и водата не се соединат (да се добие тесто). Ако се создадат грутки (што е многу веројатно), употребете миксер со стапчињата за тесто и мешајте на најмала брзина се додека смесата не се изедначи. Ако сметате дека тестото е многу тврдо, додадете од водата која претходно ја извадивте во чаша и повторно промешајте. Во тавчето каде се пржеа сланината и пиперките, додадете уште малку масло и ставете го малку да се загрее на оган. Откако ќе се загрее, истурете ја целата содржина врз тестото и промешајте со рачката од дрвената лажица. Послужете во чинија, изрендајте свежо сирење одозгора и попрскајте со малку исечкан магдонос или исечкан кромид.

На здравје!

поврзани објави

Последни објави