13.8 C
Skopje
Friday, October 25, 2024

Зафировска: Валерија треба да се оперира што побрзо, туморот агресивно расте

Седумгодишната Валерија Зафировска ги крена родниот Штип и Македонија на нозе во битката да се спаси овој детски живот. Голем број на хуманитарни акции се организираат за да се соберат пари, за таа да се оперира од тумор на мозокот (Tu cerbri reg frontotemporalis sin Cephalea). Потребни се 40.000 евра за операцијата да се изврши во Истанбул.

Нејзината мајка Марина Зафировска за „мама365“ вели дека по направените снимања во октомври и ноември, се покажало дека туморот агресивно расте.

„Валерија треба да се оперира во „Аџибадем“ во Турција, кај познатиот детски неврохирург кој е еден од дестте најдобри во светот, Мемед Озек. Операцијата треба да се изврши најбрзо што се може, односно за еден месец. Туморот засега е во нефункционалниот дел на мозокот“,  вели Марина.

Таа додава дека имајќи предвид што одзивот на хуманитарната акција е огромен, се надева дека средствата до крајот на месецот ќе се соберат и Валерија ќе може да замине на операција.

„Во оваа држава навистина има хумани граѓани. И јас кога сум можела, сум помагала. Овој викенд но и во текот на неделата во Штип ќе има голем број на акции организирани од страна на Црвен крст, младите, кафулињата. Но, не само овде туку хумани луѓе има и од цела Македонија и дијаспората. Жиро-сметката за плаќања од странство, треба да биде отворена денеска, како и телефонските броеви од мобилните оператори“, додава таа.

Марина за „мама365“ раскажа и кои биле симптомите на болеста и воедно апелираше до родителите, секоја главоболка на децата да ја следат, посебно ако истата е проследена со нагон за повраќање и болки во желудникот.

„После тенис, детето ни се жалеше на главоболка која траеше 15 секунди, имаше болки во желудникот и нагон за повраќање. И тоа се случуваше еднаш на три месеци. Се загриживме со сопругот и ја однесовме на детскиот невролог Софијанов кој даде дијагноза, детска мигрена, која ги има истите симптоми. Но, препораката од лекарот беше да се направи снимање на главата. Главоболката повторно се случи на часот по физичко воспитување, по што со сопругот решивме да направиме магнетно снимање. Магнетот покажа дека се работи за тумор“, вели Марина.

Таа објаснува дека тие пред неколку дена биле во Истанбул кај доктор Озек на преглед, а исто така повторно направиле магнетно снимање кое ја потврдило истата дијагноза.

„Докторот ни гарантираше дека 80 проценти како детето ќе влезе, така и ќе излезе од операција и дека нема да има оштетувања. Потоа ќе следи радиотерапија, хемотерапија, а за каков тип на тумор станува збор ќе знаеме по патолошката анализа“, вели Марина.

Kорисниците на Телеком, може да донираат на бројот 070 143 117

Отворен е и број на Вип: 143 480

Жиро сметка за донација:

300081000001938

Комерцијална банка АД Скопје

Дознака: валерија Зафировска –хуманитарна сметка

За донација од странство:

МК 07300307035836239
account number 02-307-0358362.3
SWIFT KOBSMK2X
Marina Zafirovska
komercijalna banka A.D

Фото

поврзани објави

Последни објави