Армијата на Зимбабве соопшти дека претседателот Роберт Мугабе и неговата сопруга Грејс се во притвор и дека војската ги обезбедува владините канцеларии и патролира по улиците на главниот град, по ноќта со немири при што војската ја презеде и државната телевизија. Акцијата предизвика шпекулации за државен удар, но поддржувачите на војската ја пофалија како “корекција без крв”. Во обраќањето до нацијата по преземањето на контролата врз државната телевизија на Зимбабве, портпаролот на армијата изутринава соопшти дека војската ги напаѓа „криминалците“ околу Мугабе и се обиде да ја увери земјата дека редот ќе биде вратен. Во однос на тоа, каде се наоѓаат Мугабе и неговата сопруга, портпаролот на армијата изјави: „Нивната безбедност е загарантирана“, сакаме јасно да кажеме дека ова не е воено преземање на власта“, ние само ги напаѓаме криминалците околу Мугабе кои извршуваат криминални дела што предизвикуваат социјално и економско страдање во земјата, со цел да ги изведеме пред лицето на правдата“.