Специјалната јавна обвинителка Фатиме Фетаи, на денешното судење по предметот „Триста“ каде прво обвинет е Ѓоко Поповски, што не се појави, изјави дека „Ако некој сторил кривично дело, јас ќе го гонам, макар да биде и на смртна постела“.
Како што тврдеше одбраната на Поповски, тој не се појавил на судењето, бидејќи лекар му препорачал да биде во мирување, па поради тоа судењето беше одложено за 21 ноември. Фетаи побара од судот стручни лица кои би утврдиле дали Поповски навистина е здравствено спречен да не доаѓа на закажаните судски рочишта.
„Тој е обвинет, против него има постапка и тоа што е на боледување не значи дека не треба да се појавува на судските рочишта. Од ништо не произлегува дека тој е спречен да присуствува на денешното рочиште. Истото се случи и во текот на истрагата кога тој не се појави на распит. Тогаш лекарската комисија ме извести дека тој е ограничен во одењето и седењето, дека не е неподвижен и дека не е ограничен во зборувањето“, изјави Фетаи.