Премиерот Зоран Заев изјави дека разговорите за избор на нов министер за здравство се во тек и дека се разговара за повеќе имиња. Тој најави и реконструкција на Владата доколку биде избран кандидат кој што не е од Алијансата за Албанците.
– Се уште немаме одлучено. Почнавме разговори со коалиционите партнери, се надеваме дека до крајот на оваа седмица ќе можеме да донесеме одлука. Сите опции се отворени, во моментов ниту јас знам кое ќе биде името, од која политичка партија, кој ќе биде избран од кандидатите, рече премиерот Заев на новинарско прашање по предавањето на донација за Клиниката за гинекологија и акушерство.
Заев нагласи дека е важно каква ќе биде личноста која што ќе го води министерството. Тој потврди дека добил предлог од Алијансата за Албанците, но дека во игра биле и други имиња кои сакале да ги разгледаат, со цел да се донесе најдоброто решение.
– Во одлучувањето мора да не води прво името на кандидатот за да може граѓаните, пациентите, лекарите, медицинската фела да му веруваат. Тоа е минимумот што го очекуваме, а потоа заедно со сите се надевам на успешни реформи во здравството затоа што се неопходни, рече Заев.