Денеска дознав дека само 18 % територијата на Македонија има канализациска мрежа (според податоци на граѓанската организација „Новинари за човекови права“). Годината е 2017-та, патните трошоци на пратениците се зголемени, ќе се субвенционира купувањето на ќумбиња на пелети (само за Скопје), за да се намали загаденоста, уште немаме спроведено попис, Вардар (и машкиот и женскиот) гази во ракомет и да Каролина конечно се омажи. Во глобала сѐ ни е средено, ама некако слабо стоиме со канализацијата.
Цела среќа е тоа што Македончето е научено да копа. Си ги „копа“ бубулиците на фацата, копа дури до Антиката за да се почувствува онака гордо, копа во личниот живот на блиски и далечни комшии, копа гробови за свои и за туѓинци, копа бунари, копа во двор за да си ископа септичка јама. Копањето е државен спорт, токму затоа канализации нам не ни требаат. Прееска уз муабет, по не знам кој пат ја слушнав онаа приказна за Југославија, „кат је некад била треча светска сила“. Чудна работа, трети во свет, ама во Македонија заборавиле да направат барем 50% канализација. Но да не копаме на тоа поле пошо е осетливо за многумина.
Како беше оној „патриотскион“ муабет, демек нели „не се праел попис пошо Албанциве ќе „искочиле“ помалце од 25 посто и ќе ни се „пое*ела“ Охридската рамковна приказна“. Додека ги мерите тие проценти, едни други проценти вадат очи и тука треба да се работи. За крај би додал, камо среќа „цивилизираната“ територија, што не е обележана од септички јами да беше во поголем процент. Може да ме помислите за луд, ама мене ме плаши повеќе бројот на полски вециња, отколку бројот на Албанците во Македонија.
Пишува: Батко Тане