Долгоочекуваното потпишување на новиот договор меѓу Барселона и Лионел Меси конечно е факт. Ѕвездата потпиша нов договор со каталонскиот клуб и стави крај на шпекулациите дека може да напушти во текот на летото, кога истекуваше неговиот досегашен договор. Меси останува во Барса до 2021 година, а клаузулата за негово откупување изнесува 700 милиони. евра. Целата славна кариера на Аргентинецот досега е поврзана со Барселона, каде тој игра од 13-годишен. Ако остане до крајот на својот нов договор, Меси ќе ги помине повеќе од 20 години на “Камп Ноу”. Тој одамна е со статусот на легенда за каталонците со осум титули на Шпанија и четири купи од Лигата на Шампионите, освен тоа сеуште е единствениот со освоени пет “Златни топки”. Уште во почетокот на јули од Барселона објавија дека постигнале договор со најголемата ѕвезда за неговиот нов договор, но неговото потпишување досега се одложуваше.