„Но-Уи“ на Лидија Димковска, издание на „Или-или“, е македонскиот претставник кој ќе се натпреварува за книжевната награда „Балканика“ за 2016 година. Одлуката ја донесе стручна комисија во состав проф. д-р Елизабета Шелева, проф. д-р Лидија Капушевска-Дракулевска и проф. д-р Ермис Лафазановски.
Во нивното образложение се наведува дека „Но-Уи“ е роман-метафора за животот и смртта во кои заемно се проникнуваат фиктивното и фактографското, историјата и совремието, индивидуалните и колективните судбини, големите и малите наративи, домот и туѓината, црно-белата перцепција на стварноста и на човековото постоење воопшто.
Издавачката куќа „Магор“, која го организира изборот на претставник за „Балканика“ од Македонија, соопшти дека покрај книгата на Димковска, во најтесен избор влегле и „Круг“ на Димитар Башевски и „Бродот. Конзархија“ на Томислав Османли.
Оваа книжевна награда постои од 1996 година. Во Фондацијата „Балканика“ членуваат издавачки куќи од седум балкански држави (Македонија, Србија, Албанија, Бугарија, Грција, Турција и Романија). За наградата одлучува седумчлена меѓународна стручна комисија, составена од по еден врвен книжевен критичар од секоја држава. Годинава во една книжевна манифестација, во декември во Скопје, ќе се одржат две жирирања и доделувања на наградата Балканика 2015 и Балканика 2016.