4.8 C
Skopje
Thursday, November 28, 2024

Човекот се раѓа во својот јазик, а не во гинеколошко – акушерска клиника

Човекот се раѓа во својот јазик, а не во гинеколошко – акушерска клиника (Петер Слотердијк)

Ниедна толпа, не останува силна во присуство на човек за кој се знае дека е величенствено храбар. Ова го рекла некоја умна глава, а јас само само сум го прочитала (Марк Твен), а го одбрав како почеток на ова мое пишување, да не бидам сама (со чест на почитуваните исклучоци) во ова време на страшен колективен конформизам, кој што главно резултира со некоја нема хипноза, а се заканува (сега многу одблиску) со  страшна деструкција на унитарноста на државата и нејзиниот општествен интегритет. Целиот овој проект, под името закон за унапредување на употребата на јазиците, инаку монета за поткусурување и главна алатка во Заевото формирање Влада, натаму незапирливо се развива во дефинитивно поларизирање и отворање на поделбата на Македонија по сите основи, вклучувајќи ја и територијалната (процес што благодарение на СДС, 13 – 14 години беше само еден од катализаторите за забрзување на процесите за комплетно идентитетско ново аранжирање, на ова што сега се вика за некои од нас Република Македонија, а официјално за жал е ФИРОМ.

И, замислете, Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ организира Меѓународна научна конференција „Минатото на јазичниот свет денес и утре“, на која што бесрамно Заев тврди дека неговата Влада е искрено и силно посветена да го негува и да го унапреди македонскиот јазик, вечниот потсетник на нашето постоење како народ“. Да, дека и искрено и силно се посветени и Владата и тој, нема сомнеж, ама целокупниот нивни напор се однесува на неговото потиснување, неговото минимизирање, за да биде конечно избришан „вечниот потсетник на нашето постоење како народ“ (значењето на ова му било јасно – во што јас лично не верувам –  или му е добро образложено и ставено во целокупната обланда), што за жал на крајот на целиот македонски народ ќе му остане вечно заглавена кнедла во грлото.

Почитувањето на човековите права и достоинство, заедно со принципите за слобода, демократија, еднаквост и законитост, според словото на ЕУ, е основата на која треба да почива модерно уредениот свет, кон кој што и ние се стремиме.  Да, апсолутна вистина, но овој пат станува збор за исклучок во практиката, која се однесува на нас – македонците, на нашиот мајчин јазик, на нашата Македонија. Веќе е дегудантно, да се објаснуваме за македонскиот космополитизам, македонскиот пацифизам и вечниот македонски штрек од најразличните напади и одрекувања, негации. Тоа го потврдува целиот македонски културолошки ареал, а најсилниот доказ е во творештвото, особено литературното (и народно и  авторско). Факт е, исто така, дека ние македонците единствена татковина имаме само во јазикот, раселени низ сите страни на светот.

Заев се обидува да го направи она што досега главно никому не успеало. „Човекот е смртен, народите не. Затоа што душата на народот, јазикот е бесмртен. Никој никогаш не успеал да избрише јазик, вели Хана Арент (еврејка, призната европска интелектуалка). Човекот се раѓа во својот јазик, тврди европскиот мислител Петер Слотердијк, а не во гинеколошко-акушерска клиника. Ако, пак овде се согласиме со цикличната природа на животот, која ја сочинуваат раѓање – зрелост – смрт, на македонците, различно од Трепетликата на Конески, која беше заробена и скаменета во фазата зрелост (вечно зелена, растреперена, неплодна), ама сепак исто, им се заканува директно непостоење, без можност за ново раѓање или сигурна смрт – небидување.

Со сите овие операции на Заевиот владин галиматијас, треба најдиректно да се атакува на идентитетот, кој всушност е состојба или збир карактеристики на лицата и нештата (државата); одликите, верувањата итн.

Така, од личната карта во ОН ќе биде избришано (македонски народ, македонски јазик), а новото променето име на Државата, кон кое со сите сили е устремен недржавничкиов естаблишмент ќе има двонационални и двојазични одличја.

Анита Ангелевска

доктор на филолошки науки

 

Курир.мк

поврзани објави

Последни објави