Собраниската Комисија за деловничко и мандатно-имунитетни прашања попладне околу 15 часот треба да одржи седница на која ќе се одлучува за барањата од судот за одземање на имунитетот на шестмина пратеници кои обвинителството ги товари за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста на државата, а во врска со насилствата во Собранието на 27 април годинава. Пратениците од власта имаат мнозинство во Комисијата, така што се очекува одлука да биде донесена и доколку пратениците од опозицијата односно ВМРО-ДПМНЕ не присуствуваат на седницата. Комисијата е должна да го разгледа известувањето и во рок од два дена да го достави извештајот до претседателот на Собранието. Врз основа на извештајот на Комисијата, Собранието најдоцна во рок од три дена од добивањето на барањето за притвор на пратеникот одлучува по барањето. За одземање на имунитетот на пратеникот потребно е просто мнозинство.