-0.2 C
Skopje
Thursday, November 28, 2024

СЕММ: Измисленото интервју со Црвенковски – обид за манипулирање со јавноста

Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) реагира на вчерашното измислено интервју со поранешниот претседател на Република Македонија Бранко Црвенковски во онлајн медиумот Република (republika.mk), оценувајќи го како обид за дезинформирање и манипулирање со јавноста.

„И покрај тоа што редакцијата користи сличен формат на објавување информации како и некои меѓународно познати сатирични изданија, сепак се занемарува веројатноста дека таквите содржини многу лесно би можело да бидат прифатени како вистинити, а особено доколку се поврзани или се однесуваат на политиката или актуелни случувања.

Редакцијата на Република, на крајот од интервјуто, наведува дека тоа е дел од рубриката “Двоглед“ и образложува дека „секоја сличност со вистинските луѓе и институции е случајна“. Но, притоа не нагласува експлицитно и доволно јасно дека содржината не кореспондира со реалноста. Веројатноста за дезинформирање на граѓаните е уште поголема доколку читателот се задржи само на насловот и накратко помине преку содржината.

Во ера кога ширењето лажни вести е вистински проблем, објавувањето содржини oд ваков вид дополнително може да ги поттикне таквите тенденции. Несоодветното и неодговорното користење сатирични содржини може да се разбере и како промовирање дезинформации од идеолошки причини, правејќи инсинуации што се штетни за општеството. Освен тоа, ваквите содржини лесно и брзо се шират на социјалните мрежи и Интернет и може да привлечат големо внимание од страна на граѓаните.

Одговорното новинарство подразбира дека известувањето, без оглед на жанрот што се користи, секогаш мора да биде во служба на вистината и етичките стандарди“, се вели во реакцијата на Советот за етика во медиумите на Македонија.

поврзани објави

Последни објави