Тоа е возобновен феникс, на почетокот на деведесетите години од 20 век. Кога над Македонија пролетуваа авионите на армијата која шкрапаше со оружјето и сакаше да ја втурне оваа земја во крвава војна. Кога гасениците на тенковите на таа армија со свртени цевки дефилираа по нашите патишта и демонстрираа сила. Времето кога некои политичари беа скептични во идејата за наша самостојна држава, независна и ослободена од спрегите на тогаш моќниот Белград. Времето кога некои луѓе гордо истапија и ја испеаја за прв пак македонската химна во македонскиот парламент. Тоа е времето кога удри првиот чекан во свеста на Македонецот, бетонирана во еден 5 децениски систем на комунизам и едноумие. Тоа беше ВМРО, кое направи револуција во перцепцијата на животот на Македонецот, го натера да прогледа кон сонцето и да тргне по патот на идеалите на своите Татарчев, Гоце, Даме, Сарафов,Александров.
Тоа беше времето кога беше ризик да бидеш и да кажеш нешто за ВМРО. Кога главата на рамениците не беше сигурна и кога структурите на едноумието ја сметаа за терористичка организација. Тоа беше времето кога македонскиот работник, земјоделец, учител почна да се препознава во четирите свети букви. Тоа е нашето ВМРО кое најави нов, македонски пат, и исчекор кон своја нова приказна. Елан кој ја роди идејата за наша армија, наша фудбалска репрезентација, наша сопствена валута и наш курс кон евроинтеграција. Сон, денес заробен од луѓе кои залутаа во јатото и ја уништија каузата на ВМРО, за Македонија на и за народот. Македонија која ќе му служи на својот народ, а не Македонија чиј народ ќе и слугува на партијата и на елитите.
Нашето ВМРО ги буткаше догмите на Комунизмот и се бореше за единство на нацијата. Ова нивното, го подели народот на патриоти и предавници. Нашето ВМРО сакаше слобода за својот народ, ова нивното, го зароби и замолчи. Нашето ВМРО беше на работникот, земјоделецот, учителот, студентот. Ова нивното е на елитите, на олигарсите, на татковците на транзицијата, кои го заробија. Нашето ВМРО се бореше да се победи стравот и да се уништат шепите на системот кои го газеа Македонецот. Нивното ВМРО создаде шепа уште посилна од таа против која се боревме. Создаде народ притиснат од сиромаштијата и од своите маки,кој слепо ќе чекори по своите вождови, ќе ја наведнува главата и ќе ја подголтнува горчината. Уценет човек, не е слободен човек. Уплашен човек не е слободен човек. Нашето ВМРО се бореше за слобода на својот народ. Нивното ВМРО, го зароби својот народ. Нивното ВМРО го врати времето на страв и неизвесност. Времето кога народот ќе треба да шепоти и да внимава што зборува. Времето кое мислевме дека е зад нас и оставено во мрачното минато.
Нивното ВМРО е нашето ВМРО браќа. Нашето ВМРО е заробено и расцепкано на триста страни а буквите на организацијата се заробени од страна на елитисти, клиенти, бизнисмени кои се водат за својот личен интерес и од групи кои од дното на душата во минатото покажувале омраза кон тоа име. Без идеалот на таа организација, ќе ја нема и Македонија. Воведување на марионетска власт во Македонија и на марионетско раководство во сегашново разнебитено ВМРО, ќе ја отвори портата за целосно раскрчмување на оваа држава и со сонот и идеалот на нашите предци.
Од нас зависи, дали ќе застанеме во стројот, и како вистинска десница, демохристијани, патриоти, ќе го исчистиме ѓубрето од нашиот двор и ВМРО ќе му го вратиме на народот и на Македонија. Коцките се фрлени на масата. Корумпираните не можат да го бранат интересот на државата а тоа и не смее нас да не интересира. Тие нека се занимаваат со судот и со она што во минатот го дробеле. Наша задача е да си го вратиме нашето ВМРО, па макар и под некое друго име, и на адреса различна од онаа каде што сега зјае еден бел дворец. Дворец, сведок на расипништвото и изопаченоста на перцепција за една реалност, што некогаш беше ВМРО. Реалност која тие ја извалкаа, ја заробија и ја имаат како приватна своина.
Пишува: Булеварко