Скопје танцовиот театар е на патување во Кина до 15 декември, каде во градот Чуанџо, на „Меритајм силк роуд фестивал“ (Maritime Silk Road Festival) настапува како единствен претставник од областа на танцот на Кулурната сезона 2017, програма која се одвива низ целата година во повеќе градови во Кина и која е дел од Иницијативата „16+1“ помеѓу Кина и земјите на Југоисточна и Централна Европа за 2017 година.
Скопје танцовиот театар, со поддршка на Министерството за култура, ќе се претстави со претставата „Кожа“ која ќе се изведе два пати и тоа во Јингјанг драма центарот на 11 декември и Чуанџо уметничкиот центар на 13 декември.
Претставата „Кожа“ е составена од три кореографии: „Котел“ на Рисима Рисимкин, на музика на Тони Китановски, „Погершно“ на Адријана Данчевска, на музика на групата „Верка“ и „Истиот извор“ на Матеа Киселичка. Костимите за трите дела се на Благој Мицевски. Во претставата настапуваат: Матеа Киселичка, Адријана Данчевска, Јакуб Мунко, Александра Петрушевска, Дејан Битровски, Тринга Хиса, Јоавана Зајкова, Сара Цветковска, Тереза Лазарев и Бобан Русески.
Културната сезона 2017 е проект од големо значење за развој на ументичките односи помеѓу Кина и земјите на Југоисточна и Централна Европа, и таа се однесува на повеќе уметнички категории, како современ танц, музика, театар, детски театар и визуелни уметности.