3.8 C
Skopje
Thursday, November 28, 2024

Заев: Тероризмот не познава религии, иднината е во регионална заедничка стратегија за борба против насилните закани

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев денеска прими делегација на Националниот комитет за спречување на насилниот екстремизам и борба против тероризмот предводена од Националниот координатор Борче Петревски, кој беше придружуван од замениците Џеладин Ајвази и Златко Апостоловски. „Концептот на едно општество за сите, испраќа порака дека се почитуваат сите религии и етнички заедници и како Влада поддржуваме регионален пристап и координација во борбата против тероризмот и насилниот екстремизам, нагласи премиерот Заев на состанокот, со членовите на Комитетот кој е формиран како важна одредба од Планот 3-6-9 за зајакнување на институционалната структура за борба со овие безбедносни предизвици. На средбата беше оценета важноста на заложбите за донесувањето и имплементирањето на двете Национални стратегии, за борба против тероризмот и за сузбивање на радикализација и насилен екстремизам, со пропратни акциски планови, кои имаат за цел да развијат ефикасни и функционални механизми за справување со актуелните закани и ризици. Премиерот Зоран Заев истакна дека радикализацијата и насилниот екстремизам кои водат кон тероризам, се врвни безбедносни приоритети на Македонија, оценувајќи дека е многу важна соработката со земјите во регионот. „Превенцијата и сузбивањето на облиците на овие закани подразбира координирана акција и заедничка стратегија со стратешките партнери на Република Македонија, САД, земјите на ЕУ, како и нашите соседи, рече Заев. Членовите на Комитетот го запознаа премиерот Заев со тековните и планираните активности со цел да се подигне свеста кај граѓаните на Република Македонија за имплементирање на пораката за поефикасно справување и превенција од насилниот екстремизам и тероризам. Истовремено беше укажана потребата од вклучување и координација на одредени институции и локалната самоуправа со цел истата порака да биде пренесена до поголем број чинители во општеството. На средбата меѓу премиерот Заев и претставниците на Националниот комитет за спречување на насилниот екстремизам и борба против тероризмот беше разговарано и за Меморандум за соработка на ова поле со Албанија, кој ќе биде потпишан на претстојната заедничка седница на Владите на Македонија и Албанија, која ќе се одржи на 15 декември во Подградец.

поврзани објави

Последни објави