6.8 C
Skopje
Friday, November 29, 2024

Унгарија останува поддржувач на македонската евроатлантска интеграција

„Унгарија останува најгласниот поддржувач на напорите на Македонија за интеграцијата во ЕУ и во НАТО. За нас следниот самит на НАТО е незамислив без прашањето на проширувањето. Сакаме и ЕУ да одреди датум за почеток на преговори со Македонија следниот февруари“, порача министерот за надворешни работи и трговија на Унгарија Петер Сијарто за време на заедничката прес-конференција со неговиот домаќин шефот на македонската дипломатија Никола Димитров.

– Унгарија и натаму ќе дава поддршка за Македонија и земјите од Западен Балкан и ја знае разликата. Ја знаеме разликата меѓу мирна состојба во регионот и немирна состојба. Сакаме овој регион да биде мирен, сакаме Западниот Балкан да биде извор и средство за натамошен европски развој, наместо ризик за Европа. Состојбите во Западниот Балкан можат да се надминат со неговата интеграција во НАТО и ЕУ, рече шефот на унгарската дипломатија Петер Сијарто. Неговиот домаќин министерот за надворешни работи Никола Димитров се заблагодари за силната поддршката од Унгарија за евроатлантските интеграции на Македонија и напорите во контекст на планот со реформите.

– За кратко време успеавме да внесеме нов квалитет во односите со ЕУ. Го запознав министерот и со политиката на добрососедство и нашата инвестиција во добрите односи со соседите. Цврсто сме решени да направиме се што може да не го пропуштиме следниот воз за Европа што се отвора во 2018 година, рече Димитров.

На денешната средба потпишан е и Акциски план за соработка во 2018 година меѓу МНР на двете земји со конкретни форми и активности за унапредување на соработката во повеќе области. Станало збор и за унапредување на соработката во културата и образованието. Сијарто денеска ќе оствари средби и со претседателот Ѓорге Иванов, претседателот на Парламентот Талат Џафери и со премиерот Зоран Заев.

поврзани објави

Последни објави