Пастирот после долгото владеење не може да си замине како џелат, може да се повлече само како жртва… Овците треба да го жалаaт, а тие што им текнало дека не се овци (без разлика кога и како) се предавници. Веќе почесниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ кажа дека ги имале на список, се знаеле кои се, и истиот список ќе биде првиот во фиоката на неговиот наследник.
Груевски младоста си ја остави за партијата, ама пак се најдоа бабаити кои да му се спротивстават. Разбравме дека истите наместо ножеви, имале ножиња. Што ли сака да ни каже почесниот пастир?
На кого ли мисли? На Вилипче, на Иљче или на Тончи? Тие во последен момент откажаа да му дадат легитимитет на Христијан Мицкоски (Избраниот). Демек Кико Војвода не бил ВМРО, а овие другиве едноставно нели се… Тоа ме потсетува на муабетов на еден мој ценет пријател, ќе го парафразирам: „На овие што најмногу се удираат во гради, дека се ВМРО, да не дава Господ, некој пред нив да заколи кокошка, има сите да испопаѓаат во несвест…“. Има вистина во муабетов, сетете се на комитите, па после сетете се и на спомнатите погоре.
За Кико да не се секирате, и Никола не беше манга вмровска, ама 11 години владееше од името на ВМРО-ДПМНЕ, ама со не баш вмровски методи. Сега историјата се повторува…
Чист „вмровски“ кандидат нема, ама „тврдокорните“ ВМРО-вци, присутни на конгресот, ракоплескаат. До следниот конгрес во стилот на КПСС (б).
Пишува: Батко Тане