Одлуката на Доналд Трамп да ја премести американската амбасада во Израел во Ерусалим ги зголемува стравовите од божиќни напади во некои региони, вели британски Индипендент.
Божиќните црковни служби и други прослави викендов се одржуваат под будното око на вооружените чувари и безбедносните камери во многу земји, откако Исламска држава нападна методистичка црква во Пакистан кога почна неделната служба.
Главно муслиманските земји во Азија и на Блискиот Исток беа особено нервозни по неодамнешната најава на американскиот претседател Доналд Трамп дека има намера да ја пресели американската амбасада во Израел во Ерусалим, одлука што навреди многу муслимани.
Во Индонезија, најголемата држава во светот со муслиманско мнозинство, полицијата соопшти дека ја зајакнала безбедноста околу црквите и туристичките локалитети, имајќи ги на ум речиси истовремените напади врз тамошните цркви на Божиќ во 2000 година, во кои загинаа околу 20 лица.
Муслимански доброволци во Индонезија, исто така, се подготвени да обезбедат дополнителна сигурност ако е потребно.
„Ако на нашите браќа и сестри што го слават Божиќ им треба… да ја одржат безбедноста при практикувањето на својата вера, ние ќе помогнеме“, рече Јакут Киолил Кумас, претседател на младинското крило на Надлатул Улема, една од најголемите муслимански организации во земјата.
Во Каиро, каде што во бомбашки напад во најголемата коптска катедрала во главниот град на Египет лани во декември загинаа најмалку 25 лица, Министерството за внатрешни работи соопшти дека полицијата ќе врши редовни проверки на улиците околу црквите пред коптската прослава на Божиќ на 7 јануари.
И германската полиција во петокот донесе експерти и робот за експлозиви за да се испита сомнителен пакет на божиќен пазар во Бон. Германија е на високо ниво на тревога една година откако Тунижанец што не добил азил уби 12 луѓе кога грабна камион и прегази луѓе на берлинскиот божиќен пазар.
Во пакистанскиот град Квета, членовите на Бетелската меморијална методистичка црква ја поправаат штетата што ја извршија неколкуте бомбаши-самоубијци, кои нападнаа за време на службата минатата недела, при што загинаа 10 лица, а беа повредени повеќе од 50 лица.
Владата на провинцијата Балучистан, чиј главен град е Квета, планира да распореди 3.000 обезбедувачи во околу 39 христијански цркви денеска и в понеделник.
Проблемот со Ерусалим
Во Малезија полициски функционер рече дека одлуката на Трамп за Ерусалим ја зголемила загриженоста од напади.
„Загрижени сме не само за безбедноста во црквите и местата за богослужба, туку и поради какви било закани од Исламска држава или каква било друга безбедносна закана по прашањето на Ерусалим“, рече малезискиот генерален полициски инспектор Мохамад Фузи Харун.
Во Ерусалим, кој е свето место и за Евреите и за христијаните и за муслиманите, се наоѓа третото најсвето место на исламот и тој со децении е во срцето на израелско-палестинскиот конфликт. Израел го зазеде арапскиот Источен Ерусалим во 1967 година и подоцна го анектираше во акција што не е признаена на меѓународно ниво.
Протестите низ муслиманскиот свет во Азија и на Блискиот Исток во голема мера беа мирни.
Во самиот Ерусалим, портпаролот на израелската полиција соопшти дека нема нови безбедносни мерки, но полицијата ќе ги распореди силите како и обично околу христијанските свети места, вклучувајќи ја и Црквата на Светиот гроб, како и дека се обезбедени конвоите на верници од градот Витлеем на Западниот Брег, традиционално познат како родното место на Исус Христос, а управуван од палестинските власти.
Многу палестински христијани се противат на најавата на Трамп и велат дека не се плашат од напади.
„Одлуката на Трамп ги навреди сите Палестинци, било да се христијани или муслимани. Зошто ние би се чувствувале загрозени од муслиманите?“, вели Џорџ Антон, католик што живее во Газа, со кој управува палестинската група Хамас.