7.8 C
Skopje
Friday, November 29, 2024

Верен сопартиец на Груевски кој најави различна политика од неговата – Каква иднина го очекува ВМРО-ДПМНЕ на чело со Мицкоски?

Новоизбраниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски е човекот кој после 14 години го заменува Никола Груевски на лидерската позиција во ВМРО-ДПМНЕ. До пред конгресот во Валандово Мицкоски ја извршуваше функцијата генерален секретар на партијата.

Според пишувањата на медиумите Мицкоски е перспективен кадар на партијата кој има богато работно искуство надополнето со над 100 научни трудови. Тој учествувал во изработка на редици меѓународни проекти од областа на енергетиката и мехатрониката, а во 2001 година е избран за најдобар дипломиран студент на Машинскиот факултет во Скопје.

За Мицкоски, многу од членовите на ВМРО-ДПМНЕ се до периодот до 2014 не беа запознаени, веројатно поради тоа што истиот не бил на некоја висока државничка или пак, партиска функција во ВМРО-ДПМНЕ.

Мицкоски од 2015 година до крајот на мандатот на Владата на ВМРО-ДПМНЕ беше Советник за енергетика на претседателот на Владата, во моментов е вонреден професор на Машинскиот факултет во Скопје, а во 2011. година, Мицкоски бил и визитинг професор на Техничкиот универзитет во Виена.

За разлика од многу други негови сопартијци, меѓу кои и екс лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски против кого се водат обвиненија и судски процеси, Мицкоски е човек кој зад себе нема црна дамка, односно не е политичка фигура против која се водат било какви обвиненија во судските инстанци.

Дел од функционерите на ВМРО-ДПМНЕ меѓу кои и Антонио Милошоски, Илија Димовски, Борис Змејковски, Трајко Вељановски не беа присутни на Конгресот на кој Мицкоски беше изберен за претседател на партијата, а претходно истите побараа одложување, поради, како што рекоа „фаворизирање на еден кандидат и нетранспарентен процес при изборот на нов претседател“.

Честитки за изборот на Мицковски доаѓаат од домашната политичка јавност, но и од меѓународниот фактор. Европската народна партија преку Твитер му честиташе на Мицковски и му опрача дека на Македонија и е потребна силна опозиција во Собранието за да се преземат потребните реформи. Мицкоски доби честитки и од американскиот амбасадор Џес Бејли кој го повика да биде конструктивен во донесување на политичките одлуки. Од политичарите пак, од домашната политичка сцена, му честиташе првиот претседател на ВМРО-ДПМНЕ Љубчо Георгиевски, меѓутоа и премиерот Зоран Заев, со кого во текот на вчерашниот ден остварија и средба.

Мицковски во своите изјави пред новинарите истакнува дека партијата е сплотена и единствена, а дека неговите кадровски политики ќе покажат дека тој ќе биде различен во однос на политичките одлуки од неговиот претходник. За тоа дали новоизбраниот претседател ќе успее да го врати ВМРО-ДПМНЕ во живот, но и како што вели самиот, да го обедини ВМРО, останува да видиме…

поврзани објави

Последни објави