Проф. д-р Драган Зајковски од Институтот за национална историја, Скопје даде интервју за БГНЕС, кое ПОГЛЕД во целост го пренесува.
Договорот за добрососедство, пријателство и соработка меѓу Македонија и Бугарија беше потпишан од премиерите Зоран Заев и Бојко Борисов на први август минатата година. Вчера, 15 јануари беше ратификуван од македонското собрание. Кое е вашето мислење?
За потребата од пријателство и добрососедство помеѓу нашите две држави и братски народи мислам дека е безпредметно да се разговара. За ова, на сите, од двете страни на границата ни е јасно. Со договорот се отвора извонредна можност двете историско блиски нации да почнат да живеат во братољубие и меѓусебно почитување. Погледнато и од политички агол, Договорот за добрососедство меѓу Бугарија и Македонија еод исклучително значење за напредокот на Р Македонија во процесот на нејзината европска интеграција. И никој да нема дилеми околу тоа. Притоа, двете земји, Македонија и Бугарија покажуваат дека не само што не се кочничари на европските процеси, туку и дека промовираат заеднички европски вредности. Политичките елити од двете земји, во пракса докажаа дека со добра воља, без никакви предрасуди, може за релативно кусо време да се потпише и ратификува договор кој требаше да биде постигнат уште во 1991 година. Случајно или пак со Божја промисла, ратификацијата на Договорот во македонското Собрание се случува токму на денот кога пред 26 години (15 јануари 1992 година), Бугарија ја призна Македонија за суверена и независна држава. Бугарија беше првата земја што ја призна нашата независност и одигра клучна улога во попречувањето на големосрпските плановите на белградскиот вожд Слободан Милошевиќ.
Но, за момент да ја оставиме историјата на страна. Сметам дека со Договорот за пријателство меѓу Македонија и Бугарија се затвара едно исклучително важно балканско, ако сакате и европско прашање. Сметам дека Македонија, во лицето на Бугарија добива уште еден партнер и поддржувач во нејзините напори за членство во ЕУ и НАТО. Сето ова не е важно само за Македонија и Бугарија, туку е исклучително важно за регионот и цела Европа. Верувам дека Договорот ќе донесе значителна добробит за двете земји на сите полиња.
За поделените мислења во македонската јавност во врска со Договорот.
Македонското е едно длабоко поделено општество. Како по правило со првите негативни реакции дојдоа од оние кои беа перјаници на режимот на Груевски кој е зад нас, а притоа се чувствуваат загрозени за својот конформитет. Тоа се луѓе кои во изминативе десет години добро го наплатија својот лажен патриотизам ставајќи го во служба на погрешните политики на мината власт во Р Македонија. Толку се компромитирани што за среќа денес во Македонија се помалку луѓе им веруваат. Во исто време со свој став излегоа сериозни интелектуалци и колумнисти кои изразија подршка на Договорот за добрососедство и пријателство меѓу Македонија и Бугарија. Пред извесно време, во еден од македонските медиуми прочитав една извонредно точна дефиниција за оние кои се против Договорот за добрососедство. Во неа се вели дека Договорот e „земјотрес“ за квази-патриотите, квази-историчарите, квази-политичарите, но и земјотрес за криминалците кои сакаат да ја вжештат атмосферата со нови делби. Јас би дополнил дека е и кошмар за соработниците на поранешните полициски служби и структури. Очигледно е дека плановите не им успеаа. Македонија безусловно е насочена кон евроатлантските интеграции, а имам впечаток дека Бугарија без услови ја дава поддршката во секој поглед. Оттука, Договорот отвора простор за работа во полето на културата, науката, спортот и итн.
Коментар за односите меѓу МПЦ – ОА и БПЦ – БП.
МПЦ – ОА во духот на сите позитивни работи кои се случуваат и ќе се случуваат меѓу нашите две братски земји и се разбира братски народи им подаде рака на вашите владици. Го призна она што можеби требаше многу порано да го признае, а тоа се нашите заеднички егзархиски корени и историско минато кое заеднички го споделуваме. Ние подадовме рака препознавајќи го историскиот миг. Следуваше позитивен одговор од Светиот синод на БПЦ и формирање на комисии кои ќе дојдат до единственото логично решение, а тоа е заедничкото сослужување и претставување на МПЦ – ОА како автокефална црква сред останатите православни помесни цркви. Уште еднаш се докажа дека првите чекори се најтешки и речиси без исклучок ги прават оние најхрабрите кои се чесни пред Бога. Следно што очекувам е комисиите брзо да ја завршат работата и на радост на сите да ја имаме првата заедничка богослужба и литургиско сослужување.
За очекуваните реакции во врска со признавањето на МПЦ од страна на БПЦ.
Најголемите реакции веќе почнаа да доаѓаат од Српската и Грчката црква кои важат за мошне блиски сојузници. Според хронологијата на настаните прв со изјава се јави српскиот епископ Григориј кој кажа дека МПЦ – ОА може уште веднаш да испрати датум за започнување на преговори со Српската црква, повторувајќи го ставот дека во тие преговори мора да биде вклучен српскиот архиепископ во Македонија, Јован (Вранишковски). По се изгледа дека во српскиот синод веднаш се запалило „црвеното светло“. Потоа следеше реакцијата на Синодот на Грчката црква, а пред Божик со одделни интервјуа се јавија српскиот владика Иринеј (Буловиќ) и српскиот патријарх Иринеј (Гавриловиќ). Двајцата владици го повторија ставот за непризнавањето на автокефалниот статус на МПЦ – ОА со таа разлика што отворено влегоа во политички „води“ коментирајќи ја средбата меѓу македонскиот и бугарскиот премиер во Струмица. Притоа изнесоа закани дека заедничкото сослужување меѓу МПЦ – ОА и БПЦ ќе биде причина за шизма од страна на СПЦ и грчкиот блок цркви. И додека делеа лекции и цитираа канони, СПЦ на својата интернет страница извести дека во Канада, српскиот митрополит Митрофан заеднички сослужувал со архиепископот на Православната Црква во Америка и епископот на Украинската Православна Црква во САД под јурисдикција на Цариградската Патријаршија. Само за потсетување, Американската црква не е признаена ниту од Српската црква, а ниту од Цариградската патријаршија. Произлегува дека СПЦ смее и може да сослужува со непризнати цркви, а БПЦ никако не смее да сослужува со МПЦ. Оттука се поставува дилемата, ако СПЦ ги следи единствено своите интереси, тогаш зошто БПЦ и МПЦ-ОА да не ги следат своите. Очигледно до израз доаѓа традиционалната дволичност на српските владици и особено стравот од македонско – бугарското пријателство.
Што би им порачал на бугарските владици во врска со односите со МПЦ – ОА.
Она што сакам да апелирам до бугарските владици е следново. Не дозволувајте во Белград, Атина или во Москва да ни се крои заедничката судбина. Деветнаесетиот и дваесеттиот век завршија. Зад нас се поделбите. Донесете решение и веднаш започнете со заеднички богослужби со МПЦ – ОА . Тоа е нешто што најмалку им го должиме на нашите заеднички претци почнувајќи од Светите Рамноапостолни учители Кирил и Методиј и нивните ученици Св. Климент и св.Наум. Нема нешто повозвишено од тоа браќата заеднички да сослужуваат и да се причестуваат од ист путир. Секое одолговлекување им оди во прилог на туѓите интереси на нашите братски народи. Ние чесно, јасно, гласно и недвосмислено ја признавме БПЦ за мајка црква. Следниот чекор, час поскоро, на радост на сите, треба да е една голема заедничка литургија во Охрид, Скопје или Струмица.