13.8 C
Skopje
Friday, October 25, 2024

И по жалбата, Пешевска останува во куќен притвор

На денешната јавна седница на Апелациониот суд во Скопје, судиите одлучија пратеничката Жаклина Пешевска да остане во куќен притвор.

Седницата се одржа по жалбата на пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, која се жалеше на одлуката на кривичниот суд да ѝ биде продолжен куќниот притвор за учество во насилството во Собранието на 27-ми април минатата година. Таа на денешната седница се произнесе дека не е виновна и бараше да ѝ се укине куќниот притвор.

„Не сум сторила тероризам, не сум ја загрозила безбедноста на македонскиот народ. Повреден е законот и Уставот со моето апсење. За полицијата не важеше мојот пратенички имунитет. Бев држена 16 часа со лисици на рацете“, рече Пешевска. Нејзиниот адвокат, Боро Тасевски, рече дела решението на кривичниот суд за куќниот притвор не содржи факти и докази.

До сега Апелација ги потврди одлуките на кривичниот суд за сите осомничени за настаните од крвавиот четврток во Собранието. Судија на претходна постапка на 5 декември минатата година им изрече мерка куќен притвор на пратениците Жаклина Пешевска, Јохан Тарчуловски и Љупчо Димовски по извршениот распит во кривичниот суд во Скопје. Претходно судот на тројцата пратеници Љубен Арнаудов, Крсто Мукоски и Сашо Василевски им изрече мерка притвор, по што тие со лисици на рацете беа спроведени во Истражниот затвор „Скопје“. Шестемина пратеници беа повикани на распит во судот за настаните во Собранието на 27 април бидејќи претходно Парламентот го прифати барањето за одземање на нивниот имунитет.

Извор: А1on.mk

поврзани објави

Последни објави