-3.2 C
Skopje
Sunday, December 22, 2024

Јанчев: Неуставниот закон за двојазичност е на штета на Република Македонија, ВМРО-ДПМНЕ ќе стори се за одбрана на државните и национални интереси

Инаетењето на предлагачите на сила да го истуркаат неуставниот закон за двојазичност не е на штета само на ВМРО-ДПМНЕ, туку на Република Македонија. Одлуката на Владата да не го повлече законот и да не отвори конструктивна расправа околу законот може да предизвика долгорочни последици по државата и да ја наруши кохезивноста меѓу граѓаните, истакна Митко Јанчев, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес-конференција.

Тој посочи дека ВМРО-ДПМНЕ е на страна на граѓаните и Република Македонија и затоа ќе стори се во одбрана на државните и национални интереси.

-Затоа ВМРО-ДПМНЕ и пратеничката група ќе сторат се што е во наша моќ за да се спречи ваквата деструктивна политика. Пратеничката група ќе се врати во собраниските клупи и со амандмани ќе се обиде да го превенира донесувањето на неуставниот закон. Преку нашето присуство во парламентот ќе се обидеме уште еднаш да ги убедиме пратениците од парламентарното мнозинство во ризикот од последиците на носење на овој закон, кој не само што излегува надвор од рамките на Уставот и охридскиот договор, туку ги става во подредена позиција на Турците, Ромите, Србите, Бошњаците и припадниците на сите останати етнички заедници во Република Македонија. Законот има бројни пропусти и затоа е несфатливо неконструктивното однесување на СДСМ и одбивањето на предлозите да се формираат работни групи составени од претставници на сите парламентарни групи во Собранието на Република Македонија, со вклучување на експертска и стручна јавност од Правните факултети во државата, претставник од кабинетот на Претседателот на Републиката и од МАНУ. Сигурни сме дека ваквата дебата ќе придонесеше за подигнување на довербата и демократската атмосфера кои ќе резултираа со отстранување на неуставните елементи на овој закон за јазици, вели Јанчев.

Потпретседателот на партијата додава дека сосема непотребно двојазичноста се спроведува на целата територија на Република Македонија. Тоа единствено носи товар за буџетот, а не во корист за граѓаните. Со овој закон целосно се деградира употребата на македонскиот јазик.

-Токму од тие причини ВМРО-ДПМНЕ одлучи да учествува во Собраниската расправа и да предложи суштински амандмани за подобрување на законот и отстранување на штетните и неуставни делови. Сметаме дека власта не смее на сила да го изведе повторното гласање и мора да го слушне гласот на јавноста. Власта ја занемари и експертската фела која е во се погласна и ги нотира неуставните точки на законот. Граѓаните имаат потреба од реални мерки и проекти, кои ќе го унапредат живот и ќе влијаат на економски и технолошкиот развој. Но во никој случај не ни требаат закони кои носат подвојување. Бидејќи од тоа корист нема никој во Република Македонија, вели Јанчев.

поврзани објави

Последни објави