13.8 C
Skopje
Friday, October 25, 2024

Јовевски: Владата на Заев го урниса здравствениот систем- колку смртни случаи на новороденчиња се случиле, а за кои не била информирана јавноста?

Владата на Зоран Заев го урниса здравствениот систем. Доказ се секојдневните скандали кои се случуваат и кои за жал пациентите и граѓаните ги плаќаат со сопственото здравје и живот, истакна Драги Јовевски на денешната прес-конференција на ВМРО-ДПМНЕ.

-Според информации кои не се потврдени во последните 10 дена на Гинеколошко акушерската клиника се случиле неколку смртни случаи на новороденчиња, случаи за кои било строго забрането да се информираат медиумите. Со цел да ја разрешиме оваа тензија која владее кај граѓаните и кај пациентките на ГАК, отворено го прашуваме министерот за здравство, Венко Филипче и директорката на ГАК, инаку семејна пријателка на Заеви, колку смртни случаи на новороденчиња се случиле, а за кои не била информирана јавноста? Кои се причините за тоа? Дали е пронајдена опасната бактерија М Р С А во креветчињата на новороденчињата и конечно дали некој ќе сноси одговорност? Прашуваме дали воопшто нешто се презема за овие случаи?

Недозволиво е, додаде тој, во терцијарните, здравствени установи да се случуваат вакви состојби.

-Граѓаните не може и не смее да бидат жртви на неодговорноста на оваа власт. Зарем планираат својата неспособност да водат еден ваков сериозен сектор како што е здравството да ја покриваат со обвиненија кон пациентите, родилките, семејствата, татковците кои не можат да си ги видат своите новородени деца или мајките на кои персоналот по грешка им дава погрешни деца. Хаосот за здравството е резултат на непрофесионалното раководење во ова министерство, за што говорат постојаните поплаки на пациентите, кои дури ризикуваат да бидат приведувани или исфрлани со обезбедување само затоа што се пожалиле на услугата, подвлече Јовевски и додаде:

„Граѓаните на дело гледаат колку СДСМ не се грижи за нивното здравје. СДСМ и Заев со месеци не именуваа министер за здравство заради коалициони комбинаторики. Секој ден слушаме за недостатоци на лекови, смртни случаи од невнимание и слични семејни и лични трагедии. Тие ветуваа унапредување, а на дело се гледа урнисување и импровизација на здравствената услуга дури и во највисоките здравствени установи како што се клиниките во клиничкиот центар во Скопје. Се што ветуваа СДСМ се излажаа. Граѓаните со право почнуваат да се сомневаат во нашиот здравствен систем, да се плашат и дури за помала интервенција да одат на некоја клиника“.

Одговорност мора да има, подвлекува Јовевски, мора да ја вратиме довербата во нашето здравство со конкретни мерки, а не со празни флоскули, анализи и антиреформи од кои придонесоа оваа доверба на граѓаните кон системот да се сруши за само неколку месеци колку што СДСМ има одговорност за раководење на здравството во Република Македонија.

поврзани објави

Последни објави