14.6 C
Skopje
Monday, October 7, 2024

Ќе ви дојдеме во Солун… на рандеву

За чиј дедов им беше викендашкиот курч на Грците, само Господ знае, ама он тешко дека ќе ни се обрати пошо одамна кренал раце од нас. Кои сме ние ли? Ние сме мангупите кои секој „продужен“ викенд им се „светат“ на Хелениве, ради името. Името пак ни е најголемата мака. Порано ни беше Косово, ама го преболевме некако. Грчиштава не знаат со кого фатиле к*р да мерат. Не знаат што ќе им се случи, само да дочекаме „продужен“ викенд, еден куп продавници низ Солун има да „пропискаат“, под „ударите“ на со мака заработените од Македончето евра. Тие вчера беа 140 000 (според податоците на полицијата), ние за нивен инает ќе отидеме 280 001 (овој последниов онака да ги боли). Сите ќе потрошиме по 50 евра во просек и ќе им покажеме на „циганиве“, чие име тие ќе менуваат.

Во четвртокот пред продолжениот викенд, сите ќе се средиме онака, фризови, нови алишта и нормално ќе се избањаме за да бидеме спремни за „инвазијата“, тие нам „Македонија е грчка“, а ние на нив „Солун е наш“, оти нели и ние имаме дел во одржувањето во живот на фамозниот трговски центар „Космос“. Им влегуваме со крампоните напред и ќе чекаме реакција.

Еве денеска некаков поп од Србија се јави дека не е ОК тоа што Грците имаат претензии кон Македонија. Не можам ни да си замислам колку време им одземало на моите колеги, да ја најдат таа братска изјава на попот. Кој знае колку луѓе биле ангажирани да пребаруваат на facebook, за да најдат барем трошка поддршка за македонските маки танталови со Грците, од страна на Белград. Најдоа дечкиве, браво!!! Сега можеме истиот отец да го убедиме да дојде овде и да го замени Јован Вранишковски. Ама ќе му напоменеме дека, ако сака да стане глава на ПОА, треба да заземе поактивна позиција во врска со БПЦ и молбата на нашите владици, да побарат од нејзе да ни стане Црква-Мајка.

Пред секоја „инвазија“ е потребно како да го наречам, а да, мотивирање. Денеска за тоа се погрижија истите тие „партали“, што го најдоа и пренесоа facebook статусот на попот од СПЦ. Се појави видео снимка на која се гледа како група дегени (по се изгледа членови на „Златна зора“) малтретираат еден македонски шофер. Истата видео снимка ја вртевме во почетоците на ТВ „Сонце“ пред околу 10-тина години. Тогаш директор ни беше еден егеец и видеото го сфати како лична навреда. Го разбирам. И еве денеска само еден ден по протестите во Атина, некој сака да нѐ потсети дека грчките националисти се го*на, кои малтретираат недолжни луѓе на пат и под пат (буквално). Вакви видеа се појаки дури и од воен марш. Ние воени маршеви не знам дали имаме, ама знам дека македонските војници конечно ќе добијат нови униформи. Така рече г-ѓата Министерка.

Јас сум подготвен за „инвазијата“. Само што се вратив од бербер. Косата средена, брадата средена, бонбона. Берберот ми се вика Александар, работи брзо и убаво, знае кога да зафати муабет и кога да заќути. Не ми текна да го прашам на кого е крстен, а и немам претстава дали ќе се приклучи кон нашиот „контрапротест“ во Солун. Зафатен е дечкото, работи, прае пари, изгледа нема време да се бави со џаболебарски активности. Да беа сите како него, Грциве за к*р ќе ни се фатеа, ама тоа е.

Нам ни останува само едно… да им појдеме на Грциве, во Солун, на рандеву и да им покажеме дека „држиме“ стандард, додека тие нас нѐ држат за јајца (буквално).

Автор: Атанас Величков

поврзани објави

Последни објави