13.8 C
Skopje
Friday, October 25, 2024

(ВИДЕО) Заев: Решението за името мора да го гарантира идентитетот на двете страни

Премиерот Зоран Заев денеска на прес-конференција истакна дека не гледа потреба за промена на Уставот, одговарајќи на новинарско прашање дали во процесот на решавање на прашањето за името се разговара и за евентуални уставни измени.

Тој истакна дека барањето за промена на Уставот е грчки став, но Македонија има свој став во врска со тоа.

– Македонија го промени Уставот во 1993 година да го допрецизира членот 49 вградувајќи го амандманот 2. Ние направивме голем чекор за да го отстраниме иредентизмот. Во моментов правиме се за да докажеме дека Македонија нема аспирации, територијални или било какви и дека Македонија нема иредентистички побуди. Македонија сака да гради пријателство, рече Заев.

Премиерот повтори дека решението за името ќе мора да го гарантира идентитетот и достоинството на двете страни. Заев истакна дека за владата е прифатливо име со географска одредница и дека тоа го темели на очекувањето во внатрешната дебата, на преземените чекори и на можностите до каде може да се движи владата.

– Останувам на ставот дека достоинството и идентитеот се важни работи. Убеден сум дека Македонија може со консензус по ова прашање во интерес на иднината на интеграциите во НАТО и ЕУ да изнајде решение, истакна премиерот Заев.

Тој кажа дека постојат радикални струии и во двете земји, но дека треба да се направи се за да се изнајде решение и да се гради иднина.

поврзани објави

Последни објави