13.8 C
Skopje
Friday, October 25, 2024

Ќе го расечат ли Македонија и Грција гордиевиот јазол на античките заблуди и руските зависности?!

Во неделата, на плоштадот Синтагма се собраа толку многу луѓе што зевзеците од скопските кафеани се шегуваа дека : Ете се гледа дека се повеќе од целиот македонски народ. И тие се во право. Во Македонија има над еден милион и двесте илјади граѓани кои се идентификуваат како Македонци. Ова се податоци според последниот попис од 2002 година. На 2 октомври 2011 година, беше направен обид за нов регуларен попис, но истиот беше прекинат уште на следниот ден. Официјалното објаснување беше дека се подготвувало „фалсификување на пописот”, но вистинската причина беше неподготвеноста на властите да ја откријат променетата демографската слика по само 10 години. Според пописот од 2002 година, Албанците во Република Македонија се нешто над петстотини илјади, но денес 16 години подоцна, нивниот број е сосема поинаков. Во исто време, речиси 10% од Македонците веќе имаат бугарско државјанство, а услов за неговото добивање е докажувањето на бугарското потекло на кандидатот. Како население на Република Македонија треба да се сметаат уште 350.000 луѓе – Турци, Роми, Срби, Босанци, Власи, па дури и Еѓипќањи. И сите тие заедно прават малку повеќе од 2 милиони граѓани.

Откако ја прогласи својата независност во 1991 година, Република Македонија изгуби многу драгоцено време во конфронтација со Бугарија и „лутање“ низ историјата. Тоа лутање заглави дури во антиката. Оваа „македонска антика” беше претставена и во „народното творештво”. Се појавија и „антички воини” во кратки црвено-жолти туники. Во исто време ние се задевавме заради крадењето на бугарската историја, се буневме заради вклучувањето во македонската литература на бугарски писатели и поети. Македонските научници, а по нив и политичарите, ја поимаа Р. Македонија, како татковина на сите родени во географската област Македонија. Така во македонските учебници по литература се наредија речиси сите наши стари книжевници и преродбенички писатели, а по нив и новите творци – Симеон Радев, Христо Смирненски, Никола Вапцаров, а во последно време и  Димитар Талев. Позадината е нивното „потекло” од географската област Македонија. А штом е така тие автоматски стануваат и „дел од македонската нација”. Одамна се „македонизирани” Паисиј Хилендарски, Христофор Жефаровиќ, Јоаким Крчовски, Теодосиј Синаитски, Марко Теодоровиќ, Захари Струмски, Јордан Хаџи Константинов Џинот, Кирил Пејчиновиќ, Димитар и Константин Миладинови, Григор Прличев, Рајко Жинзифов, Неофит Рилски, Кузман Шапкарев.
Со години ги трпевме македонски псевдонаучници и политичари да се забавуваат на бугарската историја и книжевност. Се разбира, имаше реакции имаше и обиди да се разговара со нашите колеги културно, мирно, со научни аргументи, но… бадијала . А кај нив апетитот во текот на овие години доаѓаше со јадењето. Откако „украдоа“ сè што си посакаа од бугарското историско и книжевно наследство, тие дури почнаа да го рекламираат низ светот како свое.  Цело ова време ние покажуваме толеранција и добронамерност.

Многу наши политичари не разбраа за што се работи. Бидејќи тие немаат врска ниту со бугарската историја, ниту со бугарската литература. За нив, минатото е мртво. Тие мислеа дека Македонците се само „национално избезумни луѓе“. Таквите бугарски политичари знаат да ласкаат со манири што ги научиле во комунистичка Југославија. И некои Македонци се „фаќаа“ на нивните линии.

Но Грците не се фатија на „античката” македонска јадица.

Македонците ги „украсија“ своите големи градови со споменици на Филип и Александар, го именуваа  автопатот за Грција и аеродромот со името на Александар Велики, и Грците се побунија. Тие совршено добро знаат дека предците на денешните Македонци постојано се идентификувале како Бугари. Истото го знаат и Албанците, го знаат и Турците. Тоа го знае уште и најголемиот хрватски фолклорист и етнограф Стефан Верковиќ, кој во 1860 година во предговорот на зборникот „Народни песни на македонските Бугари”, издаден во Белград појаснува: “… ги нареков овие песни бугарски, а не словенски, бидејќи ако денес прашате некој македонски словен, што е, веднаш ќе ви одговори: Јас сум Бугарин, а нашиот јазик се нарекува бугарски … ”

Македонското тонење во антиката стекна љубопитни димензии. Во летото на 2008 година беше спроведена операцијата „Македонски крал”. Тогаш во Скопје, на покана на „државниот врв”, се појави еден пакистански принц – Мир Газанфар Али Кан, од народноста Хунза. Тој беше пречекан со почести како „вистински цар”, а на народот му беше објаснето дека тој е внук на „оние кои се бореа за големината на македонското царство и за обединување на целиот познат свет”. Тој е „наш брат, одделен од неговата земја пред 2300 години”. Пакистанскиот Али Кан брзо ја разбра играта и ја презеде улогата. Тој се насмевна, и ги зеде подароците, што му следат како  „прататко”. Политичари и научници објаснуваа како воини на Александар Македонски, достигнале до Индија, таму се нашле невести, тие им родиле деца и така до денес живеат Хунзите-Македонци во пакистанските планини.
Се обидов да им кажам на нашите македонски пријатели дека ова не е патот, и не е начинот на кој треба да стигнат до обединета Европа. Дека тоа ќе ги однесе до низа внатрешни политички и економски кризи, ставајќи ги на границата на нов меѓуетнички граѓански конфликт, бидејќи  Албанците се уморија од македонските историски фантазии, кои и пречат на можноста за членство во ЕУ.
Бугарско-македонските односи во текот на овие години болат. Не бевме доволно активни. Беа потребни петнаесет години за да се отворат културни центри. Потребни беа 25 години за потпишување на Договорот за пријателство, соседство и соработка. До денес нема железничка пруга и автопат меѓу Скопје и Софија, нема авионски лет. Чиј интерес е ова. Ова не може да биде од интерес за европските народи. Затоа не можеме да нè се вознемируваме од говорот на омраза и од играњето со Москва и Белград.

25 години Бугарија несебично ја поддржува Република Македонија, но, нека биде јасно – ние ја поддржуваме за одредени политики: тука пред сè се реформите, кои ќе ја однесат Македонија во нашите сојузи – НАТО и Европската унија. Нема логика во поддршката на политиките кои ја туркаат Македонија надвор од оваа цел. Во Република Македонија постои силна анти-НАТО и антиевропска пропаганда. Постојат и политичари кои шпекулираат со името „Македонија” за да ја спречат нивната земја да стане дел од нашиот европски и НАТО свет. Тие им служат на интересите на странски сили. Бугарскиот национален интерес е дека целиот регион на Западен Балкан треба да стане дел од обединета Европа. Ние не сме Москва и сме заинтересирани за „црните дупки” на Балканот. Но, во исто време, треба да се запрашаме: кој интерес го штитеа луѓето што протестираа на плоштадот Синтагма во неделата? Зарем тоа не води кон тоа што го сакаат противниците на европската и НАТО интеграцијата на регионот? Денес, Кремљ ги поддржува екстремните националистички движења, партии и политичари во Европа и вешто ги искористува проблемите во одделните земји. Кремљ исто така ги поддржува и грчкиот и македонскиот „национализам”.
Кога Грците пеат „Македонија е грчка”, тие совршено добро знаат дека таа е исто така и бугарска, но мора да се помират со фактот дека сега е македонска. Проблемот е што Македонците го земаат својот етнички и национален идентитет во име на географската област на Македонија. Се разбира, денешните Грци не се помалку нелогични во своето однесување и го бараат својот идентитет од античката Елада.

Но на Балканскиот полуостров, апсурдите се историско секојдневие. Македонија е нова земја, нова република и сè уште не се етаблирала како мултиетничка држава. Речиси половина од нејзиното население не се идентификува со „македонскиот елемент” како „етничка припадност” или „националност”. Јасно е дека Албанците сакаат да се видат подеднакво застапени во државните симболи (знаме, грб, химна) и да го користат својот официјален јазик. Овој народ сака побрзо да се реши спорот со Грција со цел да се забрза евроатланската интеграција на земјата.
Компромисот што Македонија треба да го направи не е едноставен и сигурно ќе доведе до сериозни превирања во земјата. Ќе има политички промени. Затоа што ќе мора да се срушат пропагандите и политичките стереотипи наметнати со децении. Но Алексис Ципрас не може да го игнорира ставот на илјадниците што протестираа на плоштадот Синтагма. Тој, исто така, добро ја познава позицијата на Кремљ, бидејќи Кремљ го поддржа на патот кон власта. Оваа позиција е добро позната – против проширувањето на НАТО и на ЕУ во Западен Балкан. Затоа Кремљ ја поддржуваше „непослушноста”, на поранешниот македонски премиер Никола Груевски. Сето ова е „Гордиев јазол”. Но, дали Ципрас и Заев,  ќе успеат да го пресечат овој  јазол, како што советува древната легенда? Секако, многумина ќе ги објават за предавници. Но, сигурно времето ќе ги оправда, и иднината ќе им „прости”. Прашањето е колку далеку балканските политичари се подготвени да ја жртвуваат својата сегашност во името на иднината.
Бугарија, и покрај децениската антибугарска доктрина во Македонија, нема проблем со името „Македонија”. Таа е дел од бугарската историја и не може да исчезне од неа, без оглед на договорите меѓу Грција и Македонија. Но, денес не се работи само за Бугарија, туку се работи и за Европа и НАТО во балканскиот регион. Токму затоа, Бугарија треба да ги поддржи напорите што ги прават Заев и Ципрас за да најдат компромис, а тоа значи ново сложено име на Република Македонија. За нас денес Македонија не е онаа Македонија што ја познаваме како „најромантичен дел од бугарската историја”. Со оваа нова Република Македонија ќе мораме да живееме заедно во Европската унија, да бидеме сојузници во НАТО, да ја разбереме, почитуваме, заедно да ја градиме иднината на регионот. А споровите околу „историјата”, „народот” и „јазикот” навистина да заминат кај научниците. Ако не го сториме тоа алтернативата е „гордиев јазол”, маѓепсан круг, пат кој води кон лош живот.

Автор: Александар Јорданов, поранешен амбасадор на Република Бугарија во Македонија

Извор: Трибуна.мк

поврзани објави

Последни објави