14.8 C
Skopje
Saturday, May 24, 2025

Ристе и Влатко “го видоа“ светот, но проблемите остануваат

Тажната сторија на 24 ТВ за триесет и деветгодишниот Ристе и три години помладиот Влатко објавена во месец август минатата година ги разбуди тогаш хуманите граѓани кои сакаа да помогнат на семејството Димитријевски, и барем за момент да ја вратат насмевката на нивните лица.

Покрај граѓаните, со своја помош се понудија и фирмите, компаниите и организициите, но и институциите. Министерката тогаш разговараше со мајката на децата, а веднаш по тогашниот разговор двајцата браќа кои поради нивната дијагноза – церебрална попреченост беа врзани четврт век за кревет, отидоа на одмор во рекреативниот центар за деца и младинци Мајски Цвет – Струга, каде одморија и после подолг период се прошетаа. Освен ваквата понудена помош, браќата беа и на физикална терапија овозможена од велешката болница.

Нашиот портал „Поглед.мк“ денеска во краток телефонски разговор со мајката на децата, Лила Димитријовска разговараше за тоа дали и каква помош е понудена за нејзините деца и неа и дали истата е доволна за да им се олесни животот на нив и на самохраната мајка која сама се грижи за Ристе и Влатко.

– Многу ми е тешко. Во тешка состојба сме уште. По објавената сторија на телевизијата ни помогнаа многу луѓе и јас сум благодарна на тоа. Институциите ни овозможија да отидеме во одмаралиштето во Струга, за да одмориме и тие конечно да го видат светот, но тоа не е долгорочно решение за овој проблем, со кој буквално се справуваме сами, вели г-ѓа Лила.

За тоа каква конкретна помош очекува и дали мисли дека државата ќе помогне за овој нејзин проблем, таа не сакаше да коментира но уште еднаш апелираше до сите хумани луѓе, меѓутоа пред се до институциите да се бара решение за ваквите случаеви.

Порталот Поглед апелира до надлежните институции да помислат на тоа како лицата со вакви проблеми ќе можат да бидат згрижени во институција, каде што ќе ја добиваат потребната нега. Сигурно постои начин да се изнајде долгорочно решение за вакви тешки проблеми со кои се соочуват не мал број на македонски граѓани.

поврзани објави

     

Последни објави