2.8 C
Skopje
Thursday, November 28, 2024

Шекеринска контра Груби: Прерано е да се зборува оти решението е познато

Сѐ уште е прерано да се зборува дека решението е познато и оти остануваат само деталите, бидејќи за детали дискутираме 25 години, вели вицепремиерката и министер за одбрана Радмила Шекеринска во вечерашното интервју на ТВ 24 коментирајќи ја изјавата на пратеникот од ДУИ Артан Груби дека решение за спорот е постигнато.

– Колегата Артан Груби изгледа е голем оптимист. Сфаќам дека некогаш е добро да се испраќаат позитивни и оптимистички пораки. Не мислам дека е точна таа проценка. Во спорови кои траат толку долго, во спорови кои често пати се на граница дали ќе успеат и ќе завршат со договор или ќе пропаднат и ќе се замрзнат пак на подолго време, нијанси одлучуваат. И сѐ додека немате договор сѐ уште сте далеку од решение. Ние сите како Влада, како луѓе, како граѓани на оваа држава посакуваме проблемот час поскоро да се реши. Меѓутоа, додека немаме предлог на маса, мислам дека е сѐ уште рано да се зборува дека решението е познато, само се деталите. Ние за детали наводно дискутираме 25 години, така што сепак јас би била многу, многу попретпазлива – рече Шекеринска.

Во однос на изјавата на премиерот Зоран Заев дека Македонија е подготвена за географска одредница и дали ја знаеме одредницата, Шекеринска вели дека токму тоа прашање ќе се искристализира на крајот од преговорите.

– И според препораките на медијаторот и според впечатокот на сите кои кога било учествувале во преговорите, тоа е едно од прашањето кое што на крајот ќе се искристализира. Јавноста и сите ние на тој состанок имавме прилика да ги чуеме некои од размислувањата на Нимиц и различни предлози кои никого не го изненадуваат. Повеќето од тие предлози, од кои најголемиот дел се со географска одредница ги слушаме и за нив се дискутира секако во последните 10-15 години, но апсолутно не е точно. Ова можам најдиректно да го демантирам дека тој дел од прашањето е затворено. Сугестијата и на Нимиц беше дека тоа треба буквално во последната фаза да произлезе како став или како решение – наведе вицепремиерката.

Сѐ уште на маса, посочи таа, немаме ни предлог на посредникот, туку идеи за коишто тој води дискусии и разговара и со Грција и со Македонија.

– И Грција и Македонија имаат што да изгубат ако пропаднат преговорите, ако бидат неуспешни. Македонија има повеќе да изгуби. И поради тоа сме и попретпазливи од многу грчки политичари – вели вицепремиерката Шекеринска, посочувајќи дека по ова прашање Владата ќе се обиде да изгради национален консензус.

На најавената средба на премиерот Заев со германската канцеларка Ангела Меркел, како што рече, ќе побараат помош за влез во НАТО и почеток на преговорите со ЕУ.

– Германија е строга во однос на прием на нови членки. За да бараме помош од Меркел, треба да излеземе со резултати. На седум месеци од изборот на Владата, премиерот Заев доби шанса за средба со Меркел. Тоа секако ќе стигне до Атина. Сепак, не треба да очекуваме дека Меркел е Супермен и ќе го реши проблемот – изјави Шекеринска.

поврзани објави

Последни објави