14.6 C
Skopje
Monday, October 7, 2024

Александар Ружин: Лобирам за Македонија, донесов значајни инвеститори од Белгија и Франција

Кој е Александар Ружин и што јавноста знае за него? Како овој млад и амбициозен политичар се справува со предизвиците во животот? Што прави во слободно време? Сето ова и многу повеќе од ексклузивното интервју на Идол.мк со Александар Ружин, истакнат член на ЛДП и магистер по политички науки.

Кога влезе во политика и зошто? 

– Уште во студентските денови бев заинтересиран за политичката еволуција во Република Македонија, а воедно со голем интерес ги изучував предметите од доменот на политичките науки. Кога ја сфатив деградацијата на демократијата во државата, тоа беше вистинскиот сигнал за мојот ангажман во ЛИДЕМ а подоцна во 2014-та бев кооптиран и во Централниот Одбор на ЛДП. Мојот придонес беше во критика на функционирањето на недемократскиот режим по пат на колумни и јавни настапи, раскажува Александар Ружин за своите почетоци.

Александар вели дека во Македонија недостасува целосна демократизација и владеење на правото, како и сериозна битка против корупцијата. На нашето прашање какви промени би направил во Македонија, тој вели:

– На внатрешен план би се заложил за целосна демократизација, владеење на правото, битка против корупцијата, интензивни промени во разбивање на бирократските центри на моќ, јакнење на меѓуетничките односи.. На надворешен план имплементација на договорите од Давос меѓу премиерите Заев и Ципрас, сложено име за РМ со географска одредница и членство во НАТО и ЕУ.

Александар Ружин е еден од ретките кои не преминаа во владејачката партија, а свое место не доби ниту во владината структура. Во што се разликува ЛДП од останатите политички партии во Македонија? 

– ЛДП е единствената партија во Македонија во која се дозволени фракции според статутот. Односите во партијата се многу демократски, ЛДП е партија на интелектуалци и на силни индивидуи која секогаш се бори за реализација на основните човекови права. Пред се тоа е партија која во услови на еден поинаков изборен систем би имала решавачка улога во создавањето на владејачкото мнозинство. Во овој миг ја сочинуваат многу млади луѓе бидејќи дојде до големи кадровски промени, а во коалиција со владејачката СДСМ силно го изразува својот политички идентитет.

Кажи ни кое е твоето животно мото?

– Мислиш значи постоиш; индивидуата и хуманизмот наместо демагогијата и толпата.

Како го користиш своето слободно време?

– Во слободно време ме пасионира доменот на лобирање, додека често сакам да спортувам и да се дружам со моите пријатели, истомисленици, но и неистомисленици со кои водам бурни расправи.

Дали си заљубен? 

Мислам дека секој млад човек на извесен начин е заљубен. Некогаш во девојка, некогаш во уметноста, во спектакли, во совршени архитектонски градби. На тој начин кај секоја индивидуа емотивното празнење е составен дел од животот.

АЛЕКСАНДАР РУЖИН: САКАМ ДА ЈА ПОСЕТАМ СЕВЕРНА КОРЕЈА

Кои дестинации не си ги посетил, а сакаш? 

– Воглавно сум бил на дестинации во Западна Европа, а најчесто сум го посетувал мојот роден град Париз. Доколку би ми се гарантирала безбедност со големо задоволство би ја посетил Северна Кореа.

Колку работата како политичар ти смета на приватен план? 

– Јас не се сметам за политичар, туку за млад човек кој во рамките на своите можности се обидел да придонесе за демократизацијата на Македонија. Кога постепено навлегувате во доменот на јавни личности, вие сте секогаш мета на бројни напади и хејтање, иако од искуство знам дека кога неколку од нив запознав лично или ми се извинија или ми кажаа дека биле во заблуда. Жалам што социјалните мрежи понекогаш се користат за ирационални цели, понижувања, лажни информации и манипулации. На тој начин и дел од јавноста, но и вашите пријатели ги доведуваат во сериозни небулози.

Кажи ни нешто за тебе што досега не си го споделил во јавност…

АЛЕКСАНДАР РУЖИН: ВО МАКЕДОНИЈА ДОНЕСОВ НЕКОЛКУ ЗНАЧАЈНИ ИНВЕСТИТОРИ ОД БЕЛГИЈА И ФРАНЦИЈА

– Сите ние имаме по некоја фиксација, желба, амбиција. Сега сум во фаза на еден мал труд од доменот на лобирањето кој се надевам ќе биде и објавен. Во оваа насока горд сум што во Македонија донесов неколку значајни инвеститори од Белгија и Франција.

Каде се гледаш за 10 години?

– Се гледам себеси некаде во Европа, а дотогаш ЕУ ќе се протега од Париз и Стокхолм до Софија, Скопје и Атина.

Извор: Идол.мк

поврзани објави

Последни објави