5.8 C
Skopje
Wednesday, November 27, 2024

ЗА КАЛИНА ВЕЛЕВСКА, ВЉУБЕНИЧКАТА ВО ПЛАНИНСКИТЕ ПРЕДЕЛИ… ИЗВАДОК ОД НЕЈЗИНИОТ ДНЕВНИК

За Калина Велевска, вљубеничката во планинските предели… извадок од нејзиниот дневник

26 годишната Калина Велевска, член на планинарскиот клуб ,,Трансверзалец“, прерано го заврши својот млад живот на врвовите на Кајмакчалан…таа вчера целосно им се предаде на планините…

Калина Велевска, по пад во бездна, загина на Кајмакчалан заедно со 35 годишниот А.М.

Калина и самата беше дел од екипата и сведок на драмата која се случи при нивното патешествие одејќи кон Титов Врв на Шара во 2016 година, кога дел од нејзините другари го грееа со своите тела 17 годишното момче кое падна во бездна, додека да дојдат спасувачите.

Калина Велевска тогаш напиша:

,,Планината не прави среќни, ни ги трга секојдневните грижи, прави да се чувствуваме убаво, ни буди најубави емоции.Сепак, не смееме да заборавиме на нејзината моќ, на нејзината големина и никако не смееме да и водиме инает“…напиша таа по повод овој немил настан.

Што од сето ова се случи вчера на Кајмакчалан, знаат само Калина и нејзиниот сопатник на патот кон бесконечноста.

Калина Велевска, во својот кус, но исполнет со бројни доживувања и авантури живот, ќе остане запаметена по својата нескротлива природа и љубов кон природата и планините. Своите доживувања ги бележеше во серија написи ,,Од дневникот на една планинарка“. Нека почива во мир.

ФОТО

Понудата за викендот беше навистина богата. Од Кожуф преку Солунска па се до Шар Планина, моите другари беа насекаде по планините.

Долго се мислев каде да одам, па на крајот конечната одлука падна тоа да биде прошетка по Осоговските Планини, организирана од драгите ,,Калин Камен” од Крива Паланка.

Знаев дека едно возило со седум луѓе тргнува од Скопје во раните утрински часови. Уште беше мрак, ,,Партизанска” сосема празна, само ние возбудени и насмеани одиме на пат. Некаде на половина од патот, сфаќаме дека сме тргнале прерано и дека ќе стигнеме на плоштадот цел час пред останатите.

Неважно ни е, си правиме смешка и од тоа, си разговараме за планините, за идните и минати тури. Стасуваме во Паланка, ладно е и тмурно.

Седиме во возилото на Влатко, со Сашка излегуваме на кафе и муабет. Почнуваат да пристигнуваат останатите. Ете ми ги другарите од Велес, ете ги и домаќините. Бескрајна радост.

Се прави план и организација како ќе стигнеме до почетната точка и повеќето влегуваме во едно комбе, за кое Сергеј по порака не известува вака:

,,Јас си седнав у комбе, мириса на 16 години неиспрано, ама барем е топло. Нешто потопло од надвор” 🙂 Се смееме, влегуваме и ние. Веќе сме расонети, а за тоа придонесува и веселата музика која гласно ечи.

Ги сакам овие моменти кога целосно излегуваме од комфорот и кога ништо не ни е важно. Тогаш ми се чини дека сме најсреќни и најбезгрижни.

ФОТО

Стигнуваме на стартот, Соцко на кого ова му беше прва приправничка акција, пред групата ја презентира патеката по која ќе се движиме. Небото се отвори, сонцето излезе, јакните и поларите ги враќаме во ранците. Почнуваме да се движиме и за многу кратко стигнуваме до езерото под врвот Калин Камен, едно прекрасно место на кое не сум првпат но секогаш ме маѓепсува.

Предвидено е да направиме куса пауза од пет минути, но е невозможно да не останеме подолго за да го фотографираме овој пејзаж и да уживаме во глетката. Се движиме бавно по оваа ,,Патека на комитите”, како што беше насловена турата и не можеме да се изнагледаме во сите убавини по патот.

Осоговските Планини се питоми и без некои особени издигнувања, но погледот што го нудат е бесценет.

Кога на ова ќе се додадат сите бои на есента и кристално чистото небо над нас, крајниот продукт е вистинско уживање и релаксирање.

Втората пауза ја правиме кај една куќарка, покрај која кравите си пасат трева, а има поглед на голем дел од стазата што треба да ја поминеме, па во таа идилична атмосфера си седнавме да се видиме, да си поприкажеме и да се освежиме.

Застанав до чичко Столе, со кој секогаш е големо задоволство да се разговара и кој ми раскажуваше за неговите патешествија по планините и споделуваше совети, а и ни кажа зошто врвот каде што треба да се качиме –Столев Врв, е именуван токму по него.

Некоја ладна зима, тој и некое куче пријател си шетале по планината и наеднаш имало лавина, но кучето скокнало и го спасило и на ова место каде што се случила незгодата денес стојат наредени камења кои го означуваат врвот кој го симболизира неговиот втор живот.

До таму се движевме бавно, бидејќи беше невозможно да ја претрчаш планината и да не застанеш да земеш здив и да дишеш чист планински воздух или да се восхитуваш на сите творби на природата.

На врвот, чичко Столе отвори едно пиво за да не почасти, а по здравицата ме повика чичко Љупчо Георгиевски за да ми кажел нешто. Отидов до таму, по краткиот разговор за текстовите и за љубовта кон планинарењето, ми подаде една книга. Кога ја видов, сфатив дека многу добро ја знам и дека имам веќе два примероци од истата.

Стануваше збор за ,,Прирачник за планинари водичи”, а кога погледнав кој е автор на книгата сфатив дека тоа е токму тој. 🙂 Со една преубава посвета и еден магичен напиток за подарок, започна нашето пријателство надвор од социјалните мрежи каде досега сме се среќавале и читале.

Бев премногу среќна и му искажувам јавна благодарност, со оглед на тоа дека овие работи во животот најмногу ме радуваат и премногу ми значат.

ФОТО

Потоа заедно се спуштавме надолу и ми раскажуваше за неговата богата планинарска кариера и згодите и незгодите со кои се соочувал. Му ветив дека наскоро ќе одам во посета на нивниот планинарски дом ,,Вртешка”, веројатно единствениот каде што не сум била и дека заедно ќе одиме на тура по планините.

Магијата на Осоговијата не престана да не освојува, а боите и пејзажите постојано се менуваа пред нашите очи. Имаше ,,порти”, природно створени низ кои минувавме за да влеземе во шумата, па повторно да излеземе на чистинка и да се восхитуваме на сите нијанси на есента.

А на последната пауза, дел од групата одлучи да одмори, а еден мал ден го качивме и врвот Костадиница, кој беше на само 15-тина минути искачување и од каде имавме поглед на целата околина.

ФОТО

Кога се спуштавме надолу, поминувавме низ села кои се од разбиен тип и бевме сведоци на мирниот и тивок живот што овие луѓе го живеат на овие предели. Мир и спокој, тоа ни донесе оваа волшебна тура на сите нас.

Прошетката заврши во селото Дурачка Река, каде полни со импресии и емоции влеговме повторно во истото она комбе што не носеше утрото и бевме сите по малку тажни што мора да си заминеме и да се вратиме во нашите бетонски градови, наспроти овој бескрајно голем простор што не ослободува од сите општествени стеги.

ФОТО

За турата Јуца напиша ,,мене ме освоија боите и светлината и ширината”, а јас не знам што повеќе би додала отколку она што веќе го кажав.

Би сакала да им се заблагодарам на ,,Калин Камен” за секогаш убавата и пријатна атмосфера, за организација на турите што се одвиваат беспрекорно и на сите другари што беа дел од неа, за убавите емоции и дружба.

Зашто не се само планините што не прават среќни, тоа се и луѓето со кои чекориме, нивните приказни и малите гестови што многу значат. Ви благодарам 🙂

ФОТО

Извор: Mis.com.mk

поврзани објави

Последни објави