18.8 C
Skopje
Friday, October 4, 2024

Дали НАТО ќе ни ја донесе демократијата како подарок ?!

Членот на Иницијативниот Одбор за формирање на Граѓанска Демократска Унија (ГДУ) Петар Колев смета дека прифаќањето на идејата за една изборна единица со отворени листи е реален старт на процесот за демократизација на општеството.

ИНТЕГРАЛНО ВИ ГО ПРЕНЕСУВАМЕ НЕГОВИОТ СТАВ: 

 

Македонија оди и ќе оди напред, без разлика на лицемерието и саботажите на дел од политичката елита. Граѓаните на нашата земја сакаат да бидат и ќе бидат дел од семејството на богатите, развиени и безбедни земји. Затоа верувам дека Македонија ќе биде 30-тата членка на НАТО и следната земја од Западен Балкан која ќе добие датум за започнување на преговори со ЕУ.
Се надевам дека денешното поколение политичари ќе бидат на нивото на задачата и нема да мислат за сопствениот комфорт и кариери, служејќи се со популизам и манипулации, туку ќе се посветат на иднината на нашата земја и иднината на идното поколение.
Но дали нашево членство во НАТО ќе ни ја донесе демократијата како подарок?
Не, не сум убеден дека тоа ќе биде баш така. Тоа е наша внатрешна работа за која сами ќе треба да си ги засукаме ракавите и да ја сработиме. Очигледно е дека некои членки на алијансата имаат сериозен проблем со демократијата во своите општества.
Повеќе од факт е дека овој изборен модел, кој денеска го користи Македонија има сериозни недостатоци и во голема мера ја загрозува можноста за поголема демократизација на општеството. Хегемонијата која им ја дава на големите и финансиски моќни политички субјекти ја суспендира можноста за реален политички натпревар на идеи и политички платформи. Апсолутниот диктаторски однос на лидерите на партиите во моделот на редењето на партиските листи по старата докажана пракса на послушните меѓу првите, а помалку послушните назад во листите е гарант за онаа позната појава Мурто и Курто ситуација за која на крајот сметката ја плаќаат граѓаните.
Исто така сметам дека овој модел реално го суспендира правото на глас и правото на свој законски претставник на граѓаните. На последните парламентари избори имавме уникатен парадокс, кој воопшто не е за потценување, бидејќи е олицетворение точно на таа суспензија на основното право на граѓаните гарантирано со Уставот на Република Македонија.
За што конкретно станува збор. Имавме две политички коалиции кои имаа приближно еднаков број на гласови околу 25 000. Едната која реално имаше помалку гласови благодарение на овој модел доби тројца претставници во собранието. Другата која имаше повеќе гласови не доби ниту еден. И сето ова би звучело логично ако согласно нашиот Устав сите граѓани на земјата не се еднакви пред Уставот и законите на државата. Би било логично ако оние што имаат претставници во парламентот плаќаат даноци и други давачки кон државата, а другите кои немаат претставник се ослободени од тоа. Ако децата на едните и на другите одеа во различни градинки и училишта или недај Боже во различни детски клиники. Но, многу добро знаеме дека тоа не е така. Ако мојата земја во која живеам, работам си ги образовам децата и плаќам даноци не ми дава можност заради некаков политички или не знам каков трик да имам свој претставник во парламентот кој ќе решава како да се трошат моите средства собрани преку даноците, тогаш каква е смислата од тоа јас да верувам дека овој систем е демократски? Кога гледам дека моето право на глас, затоа што не верувам во приказни, а сум реален човек и сум го дал за партија која најмалку лаже и се обидува да предложи реални политики е суспендирано, дали тоа ќе ме направи побезбеден, посигурен и вклучен во општеството?
Разбивањето на монополот во економијата, образованието, здравството е многу важен момент. Но од суштинско значење за демократијата и развојот на едно општество е разбивањето на политичкиот монопол. Факт е дека овој изборен модел стимулира конформистички и монополистички политички систем. Ако сакаме да направиме исчекор кон модерните западни демократии, но тоа да е реален исчекор, а не само на зборови, тогаш ќе мораме сериозно да се спротивставиме на политичкиот монопол и да најдеме начин да го разбиеме.
Прифаќањето на идејата за една изборна единица, со отворени листи е исчекор кој би помогнал за започнување на реален процес за демократизација. Онаа појава на таканаречени пајтон партии би била сериозно застрашена ако не и отстранета.
Тогаш секоја од партиите ќе се залага до максимум со својата визија и политика да го придобие секој глас, зошто секој еден глас ќе е важен и ќе решава. Кандидатите кои ќе ги вклучи во листата ќе треба со сопствениот авторитет, кариера и визија да ги убедат гласачите да гласаат за нив. А со тоа секој и ќе носи персонална одговорност. Моделот Амди Бајрам – денес сум со едните, а утре со другите, нема да има плодна почва. Затоа што местото во листата не е гарантирано, првиот може да биде последен, ако има најмалку гласови, а некој од последните да биде прв.
Ваков изборен модел би предизвикал сериозни тектонски движења на политичката сцена, а со тоа и разбивање на политичкиот монопол. Овој модел би дал реална вредност на секој глас и можност граѓанинот реално да избира.
Ако нашево општество е подготвено за исчекор, тогаш не знам зошто да не размислуваме и за бројот на пратениците.
Ние сме една од земјите во Европа со најголем број пратеници според бројот на жители и држава која најмногу ја чини финансиски овој лош модел на парламентарна демократија. Ако постојано зборуваме за претрупаната администрација, и тоа најчесто го зборуваат парламентарните претставници на партиите во опозиција, тогаш зошто да не размислиме и за претрупаниот парламентарен состав и огромната администрација на парламентот како институција. Гледајќи дека половината од пратениците освен да земаат плата и патни и други трошоци друго којзнае што и не сработиле тогаш се прашувам зошто да ги плаќаме? Можете слободно да се обидете да изброите имиња на пратеници и ќе видите дека и најголемите познавачи на политичкиот живот нема да се сетат за повеќе од 30-40 имиња. Затоа сметам дека намалувањето на пратениците на половина не е голема тргедија, напротив обратно.
Јас длабоко верувам во иднината на нашата земја интегрирана во НАТО и ЕУ, но уште подлабоко верувам во капацитетот на нашето општество и неговата реална потреба од демократизација и модернизација. Овој пост-комунистички модел е исцрпен и има потреба да биде сменет. Тој е дел од проблемот а не креатор на решенијата. Затоа верувам дека на Македонија и е потребна една изборна единица, со отворени листи и 60 членови на парламентот.

поврзани објави

Последни објави