3.8 C
Skopje
Wednesday, November 27, 2024

ИСТОКОТ СО ЗАКАНА: ЌЕ БЛОКИРАМЕ ПАТИШТА НИЗ ЦЕЛИОТ ИСТОЧЕН РЕГИОН ДОДЕКА НЕ ГО РЕШИТЕ ПРОБЛЕМОТ СО КАРПИТЕ И ПАТИШТАТА КОИ ГО ЗАГРОЗУВААТ НАШИОТ ЖИВОТ

Со поддршка од над 100 граѓани најавено е формирање на Иницијативен одбор за свикување на властите да го решат проблемот на патот Делчево – Кочани, на кој пред некој ден падна неколку тонска карпа која го загрозува животот и личната безбедност на граѓаните кои секојдневно патуваат по истиот.

Делчевскиот пожарникар Лоренцо Трајановски вели дека разговарајќи со своите сограѓани од Делчево разбрал дека постои огромен револт и страв од повторно паѓање на одрони и карпи кои би можеле да бидат опасни по нивниот живот.

Ова не е прв пат да се случува. До пред месец дена имавме карпа која седеше на патот цели три години, по што конечно се решија да ја тргнат, но ете некој повторно ни испраќа порака, а таа е дека тоа што истата ќе се тргне не значи дека проблемот е решен. Ова е магистрален пат на кој се движат студенти, ученици, луѓе кои работат на страна, превозници на стоки, бизнисмени, политичари, наши соседи од Република Бугарија или со еден збор СИТЕ НИЕ. Не смееме да дозволиме да се случи трагедија па повторно сите да го кренеме гласот. Моите сограѓани од Делчево се видно револтирани и бараат решение, бидејќи не се сигурни во тоа дека се безбедни кога се движат по овој пат. Затоа, решивме да формираме Иницијативен одбор кој ќе ги повика надлежните институции што побргу да го запрат одвивањето на сообраќајот, но не до потргање на самата карпа, туку до целосно решавање на овој проблем. Проблемот нема да се реши со тоа што ќе се тргне една карпа, кој гарантира дека утре нема да падне друга“, вели тој во изјава за нашиот портал.

Трајановски вели дека веќе во текот на утрешниот ден неговите сограѓани ќе отворат комуникација со нивните пријатели од околните места Каменица, Виница, Пехчево и Кочани и сите заедно ќе барат решение на овој проблем.

„Граѓаните се подготвени да протестираат секојдневно, се дури овој проблем не се реши. Ако тие не планираат да го решат, тогаш ќе блокираме и патишта низ целиот Источен регион се додека не се изнајде трајно решение. Се работи за нашите животи“, велат од Иницијативниот одбор од Источниот регион.

поврзани објави

Последни објави