4.8 C
Skopje
Thursday, November 28, 2024

Поздравленија г-н Президент*

Претседателот Иванов си заминува од функцијата следната година. За некои од вас мајтап, ама за историјата ноторен факт е дека овој човек истера 10 години како шеф на македонската држава. По стара македонска традиција неговиот избор за втор мандат, не беше признаен од Опозицијата. Ни прв ни последен ќе речете, и нема да згрешите.

Професорот Иванов не може да се пожали од недостаток на гафови, за време на своето „неочекувано“ долго шефување со државата. Колнеше „предавници“ до девето колено, се фалеше дека со Обама си намигнувале, посетуваше екслузивни светски дестинации како Паљурци, пречекуваше Хунзи и ако не се лажам дури им подаруваше земјиште за да си направат дворец во Македонија. Ако почнам да ги редам сите небулози околу овој инаку фин човек (ми предаваше на факултет, и ми остави таков впечаток), ќе можам да напишам едиција од книги поголема од мега хитот „Песна за оган и лед“ на Џорџ Р. Р. Мартин.

Иванов ќе остане(ше) запаметен како „царот на молкот“. Се јавуваше како „на повик“, за да ни каже дека нема потреба да ни објаснува што е тоа разумен компромис, или пак за да даде аболиција на еден куп државни функционери и пратеници осомнитени за тежок криминал. Иванов ќе остане запаметен и по тоа дека неговите неистомисленици го нарекуваа фикус. Сигурно заради неговиот грмогласен молк. Иванов не молчеше тогаш кога требаше да каже нешто од „патриотска“ природа. Во еден период беше со статус на Бог, за недокваканите facebook патриоти. Тие споделуваа негови аматерски направени слики на фотошоп од типот „Претседниче, најбољи си“, и така си го билдаа килавиот Caps-Lock „патриотизам“. Мене лично ми беше жал за човекот. Професор да биде воспеван од полуписмена и неинтелигентна багра. Дали има нешто полошо од тоа? Толпата да ти се возхитува, а потоа и да те гази. Библиско зло, за претседателот на „библиската“ земја. Овде има некаква вулгарна логика, нели?

Јас лично се надевав дека по првиот негов мандат како Претседател на РМ, Иванов ќе каже: „Доста е!!!“ и ќе го замоли Груевски да си најде „друго дете“, за подбив на неистомислениците. Но ништо од бизнисот, мојот професор реши да се дозакопа со второто влегување во Вила „Водно“.

Политичката кариера на Иванов ќе завршеше како едно огромно фијаско, ако не беше посетата на неговиот бугарски колега Румен Радев. Ваков или онаков Иванов ја донесе можеби втората најдобра одлука за време на своето шефување со државата (првата беше кога одби да прогласи вонредна состојба за време на настаните во парламентот на 27 април минатата година). Тој заедно со својот колега од Бугарија почна иницијатива за потпишување на Договор за стратешко партнерство меѓу двете земји. Ова веќе личи на потег на одговорен политичар, кој знае да се носи со функцијата, што ја обавува. Време беше, нели?

Иванов веќе нема потреба да пречекува Хунзи и да колне како стара баба на селска чешма. Иванов веќе дише и размислува слободно. За него животот што го најавуваше Заев во неговата темнорозева предизборна програма навистина дојде.

Претседателе, со вчерашната најава за потпишувањето на Договор за стратешко партнерство со Бугарија, Вие успеавте да додадете уште едно позитивно нешто, кон Вашата скромна политичка кариера. Токму затоа заслужавате поздравленија!!!

* Поздрав г-не Претседател

Автор: Атанас Величков

Извор: Трибуна.мк

поврзани објави

Последни објави