4.8 C
Skopje
Saturday, November 30, 2024

Героски: Оти сега кажуваш, Лилјано Поповска?

Ја читам приказната на Лилјана Поповска, лидерката на ДОМ, за тоа како нејзиниот поранешен партнер во власта, Никола Груевски, во 2013 година, во аферата „Музеј“, меѓу другите, притворил и два члена на ДОМ, од кои еден бил нејзиниот зет. Лил’то вели дека тоа било казна од Груевски поради успешниот самостоен настап на ДОМ на локалните избори и уцена да не ја напушта коалицијата. Никола, пак, сведочи дека таа барала да го ослободи нејзиниот зет од притвор.

Иако, се разбира, немам дилема дека случајот „Музеј“ е една од многубројните полициско-судски монтировки на режимот на Никола Груевски, јавно кажувам еве сега (како што сум кажувал и порано, а ќе кажувам и во иднина), дека јас на Лилјана Поповска ништо не ѝ верувам! Нејзиното срамно пактирање со Груевски дефинитивно ѝ го одзеде моралното право по било која основа да се смета за жртва на режимот и за чесна политичарка.

„ДОМ остана во коалицијата – кажа таа – со отворено спротиставување на редица владини предлози“. Кажа и остана жива. Плус убедена дека некој ќе ѝ поверува. Многу голема работа заврши, џанам, тоа нејзино „отворено спротивставување на редица владини предлози“. Да не беше „храбрата“ Лиле, кој знае дали Груевски воопшто ќе паднеше од власт.

Туку, зошто токму сега Лилјана Поповска го спомнува случајот од 2013 година? Во рамките на кампањата „Сега кажувам“? Демек, сега собрала храброст? Ма нееее… Не бидете наивни. Лил’то има конкретен план, типично во нејзин стил.

„Правдата – вели таа – сѐ уште не е достижна за овие, но и за многу други лица од монтираните процеси во минатиот период. Сѐ уште функционираат истите инсталации во судството. Деновиве се вжештува дебатата. Се бара одговорност за судии и обвинители кои биле извршители на политичко-полициски монтирани случаи, во кои настрадале стотици невини луѓе“.

Потоа Лил’то поименично ги реди виновниците за голготата на нејзиниот зет и сега, како и секогаш, од позиција на партнер во власта, бара, цитирам, „поправка на старите и недозволување нови грешки“. Бара од позиција на „жртва“. Слично како Фиат Цаноски, вели. Од кого бара? Па од Заев, претпоставувам. Како што веројатно барала од Груевски. И така ли ќе се „поправаат“ грешките и ќе се реформира нашето судство?

Не знам за вас, ама освен малку во „финоќата“, во стилот и во блазираноста, јас не гледам суштинска разлика меѓу Лилјана Поповска и Амди Бајрам, на пример. Секогаш со власта – тоа е нивната политичка кауза. Затоа, чекам деновиве и Амди Бајрам да ни раскаже некоја приказна за тоа како бил жртва на режимот на Груевски и да крикне: „Нема правда, нема мир!“

Извор: Plusinfo.mk

поврзани објави

Последни објави