18.8 C
Skopje
Friday, October 4, 2024

Патриотизмот и неговите лаги

 

Пишува: Марио Милчевски 

 

27 години независна, самостојна и суверена Република Македонија во која политичките елити се натпреваруваа кој ќе биде поголем патриот, кој би можел да ја спаси Македонија од лошиот чичко од странство. За разлика од сите тие душегрижници, кои сакаа да билдаат политички поени кај народот со таквата политика, постоеше еден и единствен кој јасно и недвосмислено ни кажуваше како треба Македонија да дејствува за да и се отвори патот кон ЕУ и НАТО, што е она што реално ни ја загрозува државата, без притоа да се грижи дали за ваквите ставови ќе му падне или ќе му се крене рејтингот.

Има(ше) еден таков кој ни ја зборуваше вистината во очи, ни кажуваше што е, како е, но и како треба да биде. За жал, Македончето нахрането од медиумската пропаганда, но и од атакот од вечните “патриоти“ му се лепеше етикета на “национален предавник“, или не знам каков уште не. Македончето како да не сакаше да разбере дека од овој човек, едноставно, му е кажана вистината (која можеби е болна за нивното уво), но сепак не е приказна, туку само – вистината!  

И после 20 години плукање, измислување на приказни, нарачување на медиумска пропаганда против истиот (со цел негово оцрнување и претставување како предавник на својот народ) од страна најпрвин на СДСМ, па потоа на дел од поранешното раководство на ВМРО-ДПМНЕ, политичките елити во државата како да заборавија што зборуваа, како се однесуваа, какви активности преземаа во минатото и наеднаш, сакале или не, пак дојдоа до она што тој го говореше!

Па така, некогашниот секретар на СДСМ (кој денеска мудро молчи, па дури и го одобрува договорот за добрососедство со Република Бугарија) некогаш јавно истакна дека треба да се испита дали декларацијата која ја потпишуваше Претседателот на тогашната Влада на Република Македонија, Љубчо Георгиевски, е национално предавство. Тука се и еден куп политичари од тоа време, а кои сега дури беа и потписници на самиот договор меѓу двете држави, кои во тоа време не ја покажаа потребната одговорност за потпишување на договорот со Бугарија. Сите тие, без исклучок, дали преку нарачани текстови во медиумите, дали преку пишување колумни, гостување во емисии, давање изјави беа кристално јасни и гласни – со потпишувањето  за декларацијата меѓу Македонија и Бугарија се прифаќа формулација што ќе биде основ за понатамошно негирање за постоењето на македонскиот јазик и македонската нација, а преку потпишувањето на изјавата, токму тогашниот премиер Георгиевски цитирам – ќе се откаже од заштитата на македонското национално малцинство во Бугарија.

ФОТО

Производството на ваквата теза на овие господа од тоа време е очигледно нарачана. Така, учејќи од нив, таквиот тренд на дејствување беше уште пожестоко применуван и од поранешното раководство на ВМРО-ДПМНЕ, кое пак десет години не го вадеше фамозниот “бугарски пасош“ од уста, а за кој ниту видовме, ниту чувме, секако освен од устите на промоторот на таа пропаганданистичка политика – Д-р Драган Павловиќ Латас.

И така, години минаа, а тие маваа со дрва и камења, веројатно поради фактот што секогаш имаше храброст да биде чекор пред сите, да им ја каже вистината, без разлика дали таа е милозвучна за нивното уво. И еве, дојде и тој момент кога дури и оној кој славеше ден на окупација врз сопствена држава, и тоа со официјално присуство на македонски владини претставници заедно со српските, меѓу кој и тој, како Претседател на држава, во текот на вчерашниот ден да иницира потпишување на договор за стратешко пријателство меѓу Македонија и Бугарија (кој потег искрено го поздравувам). Замислете, оној кој што не даваше (а даде мандат), оној кој амнестираше (па ја повлече) оној кој беше дел од таа политичка елита која тврдеше дека некој ни ја распродава државата, иницира договор за стратешко пријателство со истата држава за која неговата политичка партија жестоко мава по своите политички “непријатели“ дека со договорот за добрососедство со Бугарија, цитирам – е против државните и националните интереси. Сега, дај договорете се на кого да му веруваме? На Претседателот на државата, или на оние кои се од неговата политичка партија а кои го тврдат сосема спротивното?

ФОТО

Го отрувте народот со национализам и ја киднавте, исчезнавте, а оние кои пак останавте ја сменивте реториката и на крај не знаете која страна да фатите… меѓутоа, за жал, оставивте и многу проблеми зад себе. Да го послушавте, Македонија веќе одамна ќе беше дел од ЕУ и НАТО, а дури тогаш веројатно ќе можевте да спроведете вистински реформи во едно нормално општество.
И, бидејќи помина многу време од тогашните визионерски настапи на Претседателот Љубчо Георгиевски, кои беа плукани (а долг е списокот на оние кои треба да добијат простување) од денешна перспектива ве прашувам:

– Кој е денес патриот? Оној кој што без влакна на јазикот ви ја сервираше вистината на тацна, со цел да видите што ќе и се случува на нашата држава и како треба најбезболно да постапиме за да одиме напред, оној кој понуди размена на територии, стоки и услуги, брзо решавање на спорот со името (уште пред 20 години) соработка и потпишување на договори и декларации со Бугарија или денешниве “патриоти“?

Кому и поради што им смета Љ. Георгиевски во Македонија кога оние кои ги плукаа неговите изјави и ставови сега ги спроведуваат?

 

 

 

 

поврзани објави

Последни објави