Путин со својата заработувачка се вбројува во моќници, бидејќи наспроти неговите 80.000, просечен русин годишно заработува 4.500 евра.
Актуелниот претседател на Русија, Владимир Путин, тврди дека вози Лада, поседува мал стан од 74 квадрати и дека заработува околу 80.000 евра годишно, а во официјалните финансиски документи, објавени пред претседателските избори во Русија, се наведува дека во периодот од 2011. до 2016. година, заработил нешто повеќе од 550.000 евра.
Како што пренесува “24sata.hr”, Путин на годишно ниво заработува двојно помалку од британската премиерка Тереза Меј.
Станот кој го навел во имотниот лист, се наоѓа во Санкт Петербург, а поседува и 230 акции во една банка од тој град. Како што е наведено, парите ги чува на 13 банкарски сметки.
Покрај Ладата од 2009. година, Путин вели дека има и два автомобила Волга од 60-тите.
Дури и по тоа што го објавил, Путин со својата заработка се вбројува во моќници, бидејќи наспроти неговите 80.000, просечен Русин годишно заработува 4.500 евра.
“Мојата годишна заработка се состои од месечна плата, воена пензија и заработка од камати и акции”, тврди Путин.
Сепак, финансиските експерти сметаат дека Путин е многу побогат од тоа што јавно го кажува и неговото богатство се проценува на 200 милијарди евра, а неговите политички противници сметаат дека парите го заработува со собирање на надомест од разни државни институции и бизниси.
Британскиот експерт за фондови, Бил Браудер за CNN рекол дека по 14 години, колку што Путин се наоѓа на власт, сите пари кои Русија ги заработила, а кои не биле искористени за изградба на училишта, патишта или болници, завршиле на швајцарски банкарски сметки, во фондови, акции.
Иако без сомнение е многу моќен, рускиот претседател никогаш не се нашол на листата на “Forbes”, бидејќи на неа не може да се најдат политичари кои богатството го стекнуваат благодарение на својата политичка моќ.
Браудер вели дека Путин сигурно има Лада од 2009. година и дека ја чува во гаража, но дека тоа сигурно не е единственото негово превозно средство. Како што вели, Путин поседува луксузна јахта и приватен авион, а има и пристап до повеќе од 58 авиони и хеликоптери. Исто така наведува дека има вила на Црното море и уште 20 различни недвижнини за одмор ширум Русија.