22.8 C
Skopje
Sunday, October 6, 2024

„Куварот“ на Путин раководи „фарма“ за ботови и воени платеници

Тој е обвинет во САД за мешање во претседателските избори во 2016 година преку армија од ботови, а платеници од неговата приватна воена компанија се борат низ боиштата во Украина и Сирија.

Но рускиот мултимилионер Евгениј Пригожин, со прекарот “Главниот готвач на Путин”, раководи со уште нешто што е вредно за Кремљ: една огромна медиумска империја.

Се проценува дека Евгениј Пригожин, сопственик на ресторан во Санкт Петербург, контролира над 10 новинарски портали во Русија, кои привлекуваат десетици милиони посетители и служат како важен инструмент на државната пропаганда, во момент кога рускиот претседател Владимир Путин се кандидира за реизбор на 18 март.

Иако самите медиуми молчат за своите сопственици, истрагата на реномираното бизнис списание “РБК” и сознанија во други руски медиуми открија врски на овие портали со други фирми на Пригожин, вклучувајќи и добро разработена “фарма за ботови”.

Фармата за ботови го носи “невиното” име Агенција за интернет истражувања, и првично е работела под еден покрив со Федералната новинска агенција (Федеральное агентство новости) и други медиуми, за кои се смета дека му припаѓаат на Пригожин, но подоцна се одвоени и преселени во посебни згради во северниот дел на Санкт Петербург.

Само три години по нејзиното формирање во 2014 година, Федералната новинска агенција и 15 нови портали за кои се верува дека се контролирани од Пригожин, имале над 30 милиони посетители месечно, надминувајќи ја водечката држава новинска агенција. Тие покриваат широк спектар на теми од
надворешната политика кон економијата и славните личности од минатото. И покрај тоа дека нивните профили се различни, уредувачката политика е идентична – Пофалби за Путин и критики за Западот.

“Тие сакаат да доминираат во информативниот простор и да ја формираат агендата за вести “, вели московскиот политички аналитичар Дмитриј Орешкин. Тој истакнува дека заедно со фабриката за ботови и приватната војска, медиумскиот бизнис е дел од напорите на Пригожин да му остане во услуга на Путин.

Орешкин го посочува договорот на Пригожин со руското министерство за одбрана за снабдување со храна за армијата во висина од 1,2 милијарди долари, како една од наградите што бизнисменот ги добива за услугите што му ги нуди на Кремљ.

Федералната новинска агенција, е најголемиот од 16-те медиуми, за коишто се верува дека се контролирани од Пригожин. Таа зрачи со ласкави соопштенија за активностите на Путин, а во истото време шири критики за САД и сојузниците.

Агенцијата доби популарност благодарение на ексклузивните извештаи од линијата на фронтот во Источна Украина и Сирија, каде делува групата Вагнер, којашто е поврзана со Пригожин. Нејзините новинарите беа првите што пишуваа од античкиот град Палмира во источниот дел на Сирија, откако сириските трупи го ослободија од присуството на терористите од Исламска држава.

Во долг коментар објавен оваа недела и посветен на Армијата на САД, се тврди дека таа е зафатена од зависност од дрога, криминал и низок морал. Другите публикации ги демантираат податоците за големиот број жртви пријавени од страна на групата Вагнер овој месец во Сирија, нарекувајќи ги овие информации западна пропаганда. Во друг материјал се вели дека САД развиваат биолошко оружје во тајни лаборатории во Украина и Грузија.

“Економија денес”,  е портал за деловни вести, што исто така се смета за дел од Империјата на Пригожин. Неделава овој портал објави статија што ја нагласува важноста на гласањето за претседателските избори, во согласност со стремежот на Кремљ да го засили одѕивот и да му обезбеди победа на Путин.

Порталот, исто така, ги споредува информациите со позитивен тренд на Google за руската економија со податоците за економските тешкотии со кои се соочува Украина.

Неколку стотици новинари работат во медиумите на Пригожин, тие примаат повисоки плати од другите медиумски работници, според РБК. Списанието цени дека годишниот трошок за медиумската активност на медиумската империја на Пригоинов изнесува помеѓу 3,2 и 4,7 милиони долари.

Пригожин одбива да дава интервјуа. Инвестирајќи во своите медиуми, Пригожин има разработено методички пристап за замолчување на независните медиуми кои се ангажираат со неговиот бизнис.

Овие дејства изгледаат како одраз на ексцентричниот карактер на Пригожин. Тој има многу интересен психолошки профил. Освен што лежел во затвор за кражба за време на поранешниот систем, „куварот“ на Путин напишал и приказна за деца насловена „Џуџињата го бранат кралот од дезертери“.

По излегувањето од затвор Пригожин започнал бизнис со продажба на хот-дог. Тој е убеден дека Путин го забележал заради неговото чувство за бизнис и заради неговото бескомпромисно однесување, кога се работи за завршување на прифатените обврски.

Автор: Владимир Исаченков/AP

Tribuna.mk

поврзани објави

Последни објави