10.8 C
Skopje
среда, ноември 19, 2025

СВР Тетово со апел до возачите за поголема внимателност во зимски услови

Заради новонастанатите услови од снежни врнежи од СВР Тетово апелираат до возачите за поголема внимателност и најавуваат поголеми контроли по патиштата.

Од СВР Тетово оценуваат дека обилните количини на снег причинија отежнато движење на возилата по тетовските и гостиварските патишта и улици, како и на пешаците по голем број од тротоарите, посебно на помалите, споредни улички.

За да се обезбеди непречено и безбедно движење на сите учесници во сообраќајот, СВР Тетово посебен акцент деновиве им стави на тековни контроли и укажувања и апели до сите кои можат и треба да придонесат за остварување на оваа цел.

– Возачите уште еднаш се потсетуваат да ја прилагодат брзината според условите на патот, да избегнуваат зборување на мобилен телефон додека возат, да практикуваат, односно држат поголемо растојание поради лизгавите коловози. Навреме да ја проверат исправноста на сопирачките и уредите за управување, но и задолжително да користат зимска опрема, особено ако патуваат кон Стража, Маврово или Попова Шапка, вели Марјан Јосифоски портпаролот на СВР Тетово.

Тој потсетува дека изминатите пет дена на полошкото подрачје регистрирани се вкупно 17 сообраќајни несреќи, во кои едно лице почина, а 23 се повредени.

Овие несреќи најчесто се резултат на неприлагодена брзина, поради што возилата губеле контрола и излетувале од коловоз, пред се на автопатот Гостивар-Тетово-Скопје.

поврзани објави

Последни објави