Со премиерот Заев се согласивме дека треба Државната изборна комисија да се комплетира. Тоа ќе се прави по стариот модел, односно претседателот на ДИК ќе биде од опозицијата, додека мнозинството од членовите ќе биде на власта, изјави Мицкоски по средбата со премиерот Зоран Заев во зградата на Владата на РМ.
– Се согласивме дека е потребно да се формира и комплетира, по стариот модел. Претседател ќе биде од опозицијата, а мнозинството во корист на власта. Договоривме до крајот на септември да биде изготвен новиот изборен законик, рече Мицкоски.
Тој кажа дека на средбата разговарале за преговорите за името со Грција, како и за Законот за употреба на јазиците.
– Разговаравме за преговорите за името со Грција. Од приложеното можам да констатирам дека нема поместување од презентираното на лидерската средба. Јас го повторив ставот дека нема да поддржиме промена на Уставот, а за идентитетските прашања не треба да се разговара, рече Мицкоски.
Во врска со Законот за употреба на јазиците, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ го повторил ставот на партијата дека тој е неуставен и неприменлив.
Мицкоски напомена дека меѓупартиските работни групи ќе излезат со конзенсуз по неколку прашања до крајот на оваа недела и искажа надеж дека проблемите за враќање во Собранието на ВМРО-ДПМНЕ ќе бидат надминати наскоро.