Францускиот репрезентативец, Пол Погба ја игра втората сезона во дресот на Манчестер Јунајтед, но далеку е од посакуваната форма и од игрите кои ги прикажуваше во Јувентус со кои ги натера „црвените ѓаволи“ да платат 105 милиони евра за неговите услуги.
Во таа 2016 година Погба стана најскапиот играч на светот и ја држеше таа позиција се до минатото лето кога ПСЖ и плати 222 милиони евра на Барселона за Нејмар. Човекот кој ја одигра главната улога за враќање на Погба на „Олд Трафорд“ беше Мино Раиола, контраверзниот агент кој пак денеска тврди дека Јунајтед минал евтино за неговиот клиент притоа заштедувајќи 100 милиони евра.
-Се додека телевизиските права растат, играчите заслужуваат да бидат повеќе платени. Јас не притискам за цени над лимитот. Напротив, погледнете го трансферот на Погба. Манчестер Јунајтед плати 100 милиони евра – но мислам дека требаше да плати 200 милиони евра. Погба беше евтин играч. Тој имаше клаузула во договорот во која стоеше дека тој, а не Јувентус одлучува каде ќе игра во наредната сезона. Тие не можеа да одлучат за него, играчите секогаш треба да имаат контрола. Јувентус можеше да го продаде за 200 милиони евра на Реал Мадрид, па така Манчестер Јунајтед всушност спаси 100 милиони евра, -истакна Раиола.








