Во минатото во една друга кино сала на публиката му покажуваа на табла кога да аплаудира, а кога да се смее… ама баш така во буквална смисла на зборот. Можеби таа публика навидум е дебела и неинтелегентна, но секој кој има амбиции има можност да го живее својот сон, а оние другите да живеат како најнормални луѓе.
За разлика од таму во кино “Македонија” покрај таблата те тепаат и не те оставаат да плачиш. Филмовите кои се прикажуваат најчесто се со цензура, а место на репертоарот нема за тоа што не му одговара или претставува опасност по елитата. Снимателите си ја бркаат работата со педантно архивирање на разговорите, а по потреба се креира по некој државен непријател. Редарите служат за одржување на стравот, а доколку не му се уплашиш или немаш никаква грешка можи да ти пишат казна за накриво мочање. Има и филмски критичари кои по теркот на КПЈ се на платен список на компанијата за одвреме-навреме да кажат по некој лош збор.
Репертоарот е одличен… почнувајки од хорор сериалот “Транзиција”, па “Волкот од пропаднатата штедилница”, нашиот “Кум” заслужува најмалку пет-шес оскари, “Господарки на прстените”, нападите на Пајакот се далеку повозбудливи од Птиците на Хичкок, “Чарлиевите ангели” и нивните условни казни, па министерот во “Брзи и бесни”, “Девојката од милион евра”, а за “Сексот и градот” да не зборуваме… и сето тоа комплетирано со најдоброто филмско студио “2014” со најголем број на макети од стиропор целосно финансирано од истата таа публика.
Најискрено ви се заблагодарувам за досегашните филмови, но дајте во иднина оставете му ја оваа работа на оние кои тоа му е професија, а не да чекаат милостиња од вашето министерство или да ја одработат партиската задача за да добијат некоја “коска”.
Ало бре… кино салата остана полу-празна, престанете со тие закани и заплашувања, лоши ви се филмовите, а и актерите некако се втрат во круг до вчера се плукавте денес се бакнувате… не е ни вкусно повеќе за гледање тоа ваше лигушење и профитерство и тие ваши научно-фантастични романтики кои ги гледаме повеќе од четврт век…
Автор: Благојче Трајковски, член на Управувачки Комитет (УК) на ГДУ