-0.2 C
Skopje
Thursday, November 28, 2024

Силјановска: Во мултикултурните општества во светот се комуницира на еден јазик

Универзитетската професорка Гордана Силјановска смета дека Македонија со рамковниот договор и амандманите воведе силни елементи на еден модел на политички систем што се нарекува модел на споделена моќ, во случајов помеѓу етничките ентитети или силни елементи на нешто што се нарекува консоцијативна или консенсуална демократија. Во Македонија според професорката, ова било изведено многу повеќе според моделот на Арент Лајпхарт, отколку на Хоровитц.

„Она што се заборава, а на што предупредува дури и самиот Лајпхарт е тоа што моделот на консосијација не може да функционира во услови на бинационален концепт, бирасен или бијазичен. Зошто? Зашто тогаш се соочуваме со нешто што се нарекува игра на губитници и добитници. Се што е добивка за едниот, се смета дека е пораз за другиот. Понатаму, предупредува дека за да може да успее консоцијација потребно е да постојат услови на најмалку три сегменти – расни, етнички, јазични, верски, токму заради оваа опасност, со непроменлива моќ, затоа што третиот сегмент ќе врамнотежува. За разлика од тоа, многу решенија од Рамковниот договор, од комитетот за односи меѓу заедници до јазичните прашања, во Македонија како да се регулираат под тоа бинационално решение. Со јазичното барање доаѓа и она барање за Македонци и Албанци како конститутивни народи“, појасни Силјановска.

Силјановска додава дека ако се анализираат мултикултурните општества во светот ќе може да се види дека во нив има код за комуникација што најчесто е еден јазик, заради мултикултурниот карактер.

„Ја споредуваат Македонија со Швајцарија, Белгија… Швајцарија е земја во која има четири службени јазици, но кога се вели дека сите имаат еднаков капацитет не е така, бидејќи во Швајцарија дали има два, три кантони во кои постои двојазичност, во останатите не е така, а најважно од се е што не треба да се споредува унитарна држава со федерација. Белгија исто така е држава на Белгијците. Таму има четири региони и три јазични заедници, но само во Брисел постои двојазичност. Јазиците не се рамноправни, па оттука и примерите се целосно несоодветни“, истакна Силјановска.

 

поврзани објави

Последни објави