Пратеникот и министер за надворешни работи, Никола Попоски на својот фејсбук профил одговори на изјавата на досегашниот бугарски претседател Плевлениев во која тој истакна дека тој сака да ја види Македонија во ЕУ, но не и македонизмот, кој за него претставува антидемократска идеологија.
Еве што напиша Попоски на својот фејсбук профил.
Би било добро доскорешниот бугарски претседател Росен Плевнелиев да ја имаше широчината, визијата и почитта за волјата на македонските граѓани, како што тоа го имаше бугарскиот претседател Жељу Желев за време на чиј мандат Бугарија прва ја призна независноста на Македонија и да одбере пораки на мир и подавање рака, отколку гонење митови и поттикнување фобии.
Благодарност до Бугарија од Македонија! Пред 25 години, првото признавање на независна и суверена Република Македонија дојде од Софија. Потоа следеа сите други пријатели. Претседателот Жељу Желев имаше демократско чувство и почит кон волјата на македонските граѓани. Даде недвосмислена поддршка во тешки моменти за сосед како нас. Голем човек несомнено, кој ја заслужува сета наша почит. Тоа беа други времиња, други луѓе, вели Поповски во пораката што ја напиша на својот фејсбук профил.
Колку би било добро, и оној кој до вчера ја имаше истата функција, Плевнелиев, да ја имаше истата широчина, визија и почит за волјата на граѓаните на соседна држава.
Да покаже сила и мудрост и да одбере пораки на мир, подавање на рака и одлучна поддршка за сите да бидеме во Европското семејство час поскоро. Тоа сигурно е покорисно отколку гонење на митови, креирање лажни закани и поттикнување на фобии. На крајот на денот, сите сме луѓе кои сакаат спокојство, благодет во живеењето и почит од ближните. Баш такви какви што сме. Лидерите се за да ни го покажат патот што не води во тој правец и да не поврзат.