Френк Лампард и Дидие Дрогба му изразија поддршка на Реј Вилкинс откако пред неколку дена беше итно пренесен во болница поради срцев напад, а денеска англиските медиуми го пренесоа жалното соопштение на семејството на поранешниот англиски репрезентативец во кое се вели дека тој ја загубил најважната битка во животот.
Срцето на Реј денеска комплетно откажало во болницата во Лондон, а ужасната вест ја растажи цела англиска јавност, а особено Лампард кој веднаш му испрати проштална порака на својот сакан ментор со кој соработуваше во Челси.
– Уништен сум што ги слушам вестите за смртта на Реј Вилкинс. Тој беше фантастичен играч, а уште подобар човек. Полн со љубезност и човечност, со беспрекорни манири во секое време. Тој имаше респект и време за сите, а за мене тој беше ментор и пријател. Не сум сигурен дека ќе има уште луе како Реј. Многу ќе недостасуваш пријателу, – гласи емотивната порака на Лампард.
Инаку, Вилкинс со голема чест и гордост го носеше дресот на англиската фудбалска репрезентација од 1976 до 1986 година, а покрај тоа беше менаџер на КПР и Фулам, како и асистент во Челси каде беше сакан од страна на сите фудбалери со кои имаше можност да соработува.
Извор: Дерби.мк








