Страшната акробација на Кристијано Роналдо против Јувентус во четвртфиналето во Лигата на шампионите едноставно ги преплави социјалните мрежи и се најде на насловните страни на сите познати светски медиуми во сферата на спортот, а колку беше актуелна оваа тема во текот на вчерашниот ден најдобро ни говори тоа што истата се префрли и на прес-конференцијата на Чоло Симеоне.
Во најавата за дуелот меѓу Атлетико Мадрид и Спортинг Лисабон во Лига Европа, Диего мораше да одговара на прашање поврзано за големата ѕвезда на Реал Мадрид, односно прашањето беше дали тоа е најубавиот гол кој го видел како играч и тренер.
Чоло истакна дека видел многу убави, па и подобри голови од овој на Роналдо, а бидејќи новинарот на тоа возврати со мала иронија, тренерот на Атлетико му посочи гол од 1986 година кој е подобар од оној на Португалецот.
– Сум видел многу убави голови. Еве ќе ви дадам за пример еден на Франческоли. Датира од 1986 година, Ривер Плата против Полонија Мар, го имаш ли видено голот на Франческоли? Види го, па ќе може да разговараме. Запомни, Франческоли, Ривер – Полонија 5:4, ужасно добро – му порача Симеоне на новинарот.
Извор – Дерби.мк