За три месеци на скопска гинекологија починале 35 новороденчиња. Црната статистика продолжува и годинава. Од Клиниката велат во најголемиот број случаи станува збор за предвремено родени бебиња со неразвиени витални органи и инфекции добиени од мајката, а само 2 деца биле породени во термин, но имале сериозни аномалии.
-Се работи за екстремно незрели бебиња. 10 од овие 35 се породени во 5-от месец. И во светски рамки преживувањето кај овие деца е минимално, изјави д-р Викторија Јовановска, директор на Клиниката за гинекологија.
Ако зголемената смртност на новороденчиња продолжи со истото темпо и во 2018-та бројката на починати бебиња на Гинекологија повторно ќе се доближи до 200. И годинава е слична бројката како минатата година на предвремено родени бебибиња кои завршуваат на одделот за Интензивна нега.
-За оваа година имаме 13,8 проценти предвремено родени тоа се 144 бебиња, а лани имавме 12,5 проценти или 145 бебиња, додаде Јовановска.
За 35-те починати бебиња годинава на гинекологија попладнето со соопштение излегоа и од министерството за здравство. Од таму велат дека алармот е вклучен и преземаат мерки за справување со состојбата.
Извор Сител