Ако премиерот Заев е подготвен да го купи бројчаникот, јас лично ќе му помогнам и ќе го монтираме заедно на Триумфалната порта во центарот на Скопје“, рече Петар Колев, претседател на партијата Граѓанско демократска унија (ГДУ), во изјава дадена за порталот „Трибуна“.
Токму денеска премиерот Зоран Заев во неделното интервју на Радио Слободна Европа изјави дека се чека првата правосилна пресуда против осомничени поранешни функционери за злоупотреби за да биде поставен бројчаникот на Порта Македонија, кој ќе ги пресметува вратените средства одземени од државата.
-Кога ќе падне ваква одлука тогаш приватно ќе го платам бројчаникот од 5-6 илјади евра. Како што гледате проверив колку кошта. Не затоа што мојата суета работи туку и да остане за спомен на следните генерации, како не треба, дека секој кој ќе украде треба да е свесен дека потоа ќе биде фатен – вели Заев, пред новинарот Зоран Ќука од РСЕ.
Потсетуваме дека вчера Петар Колев, во писмена реакција испратена до македонската јавност (погледнете ја целата реакција овде) во прав текст праша, до каде се наоѓа проектот за поставувањето на бројчаникот, што беше најавен во предизборната кампања на сегашната владејачка партија.
„Па затоа прашувам, до кај сме со бројчаникот? Ако се немаат предвидено средства во буџетот, убеден сум дека не има илјадници кои сме подготвени да донираме средства за да го изградиме. Но, веројатно проблемот е поинаков.“- напиша Колев во својата реакција што вчера беше пренесена од повеќе медиуми.