Ние правилно направивме што го отворивме прашањето за ерга омнес, можевме да раководиме со преговорите, а со тоа да бидеме блиску, за првпат толку блиску, до договор. Но, и да не постои договор, нема ние да бидеме виновни и ова го знае вселената, вели шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас во интервју за емисијата „Историес“ на грчката телевизија Скај.
Коѕијас смета дека преговорите одеа и одат добро, но треба и веќе е прашање на другата страна „дали ќе прифати ерга омнес, а тоа е смела одлука“ и објаснува дека е погрешна перцепцијата, ерга омнес да биде само за надворешна употреба.
– За да биде вистинско ерга омнес треба да се имплементира и во внатрешноста на земјата. Може да се склучи меѓународен договор што ќе го содржи сето ова? Може и постојат правници што веруваат во тоа. Но, искуството покажува дека ако се смени оваа влада, следната ќе го испрати Заев во затвор, велејќи дека го прекршил Уставот, со прифаќање на меѓународно име што не е предвидено и не е дозволено од Уставот. Односно и за нивна заштита, како што им имам објаснето, потребна е промена на Уставот, вели Коѕијас.
Како што јави дописничката на МИА од Атина, министерот за надворешни работи на Грција, во синоќешното интервју за Скај, овој негов став уште еднаш го поткрепи со примерот со документите, дека не може во внатрешните и надворешните документи да се користи различно име, бидејќи ќе има моменти кога еден внатрешен документ, на пример, лична карта или Уставот, или, пак, диплома од факултет, да треба да се преведат на друг јазик за употреба во странство, и во тој случај би го содржеле не новото, туку уставното име. Според Коѕијас, ова би довело до секојдневни несогласувања за тоа кое име би се користело.
– Тоа ќе биде континуирана кавга. Затоа, секој пат потенцирам дека решението треба да биде стабилно, долготрајно и да решава, наместо да создава проблеми, додава Коѕијас.
Во однос на членството на Македонија во НАТО, запрашан за тоа дали е можна една „привремена интеграција“ одговара негативно, објаснувајќи дека тоа може да создаде проблем и притисоци врз Грција.
– Може да се договориме да се даде покана, од НАТО се дава покана и потоа таа се ратификува во парламентите. Потоа, парламентите тоа го испраќаат до САД, во Вашингтон, бидејќи е чувар на договорите на НАТО уште од формирањето. Тука, во што е проблемот? Им објаснувам на сите. Да речеме дека се 29 држави членки на НАТО, 28 од нив завршиле со ратификацијата, а ние не го имаме ратификувано бидејќи не ги направиле промените што ги ветија. Кој ќе јаде ќотек? Тие од 28-те земји или ние, што ќе не притискаат? Така ќе се префрли проблемот, рече Коѕијас, пренесе МИА.
Шефот на грчката дипломатија, уште еднаш повтори дека времето е многу кратко за постигнување договор до јулскиот самит на НАТО. Објасни дека за одржување референдум во Македонија, потребни се два месеца, потоа ќе треба да се ратификува во собранието, па во ОН, за да се потпишат меѓународните договори. Сѐто ова, според Коѕијас, не би можело да се направи во периодот што преостанува, односно за два месеца.