3.8 C
Skopje
Thursday, November 28, 2024

(РЕ)Демократизација 2.0

Полека но сигурно чекориме кон една година промени во Македонија, а борбата за (ре)демокартизација тапка во место. Како да се подзаборавивме дишејќи го нели, слободниот воздух на промените па се опуштивме во хармоничната идила која како и секогаш на грбот на народот ја донесе некоја политичка опција, за некое чудо секогаш една те иста.

И нејсе, некој почна сериозно да си чисти во својот двор, некој продолжи да си игра онаму каде што другите застанале и така секој со својот филм, но занимавајќи се со некои позадински игри и со новите стратешки чекори на новата власт како да се подзаборавија суштинските работи кои пак беа наголемо споменувани пред последните какви – такви избори.

Ќе се вратам две три години наназад, кога преку електронските медиуми се пушти абер дека ако Македонија сака да добие вистинска демократија, а нејзиниот народ поразлична мисла од веќе постоечките на веќе видените политичари, да си го промени изборниот модел и од сегашниот со шест изборни единици да си го врати првиот односно моделот на една изборна единица.

Тогаш како десничари и конзервативци пред се млади луѓе целосно застанавме зад овој предлог кој пак наиде на одобрување кај речиси сите политички партии кои патем четирите најголеми ги нарекуваат “мали“ политички партии. Сите сме слушнале барем еднаш дека некои партиски субјекти се бореле за нулта дискриминација по милион основи, а всушност наголемо дискриминираат со тоа што за своите опоненти велат дека се мали и дека врз основа на тоа не можат да добијат свое место на политичката сцена. Затоа уште во 2011 година, па пак во 2015 година, една “мала“ политичка партија упати апел до тогашните власти да го смени изборниот модел, притоа да ги смени и правилата на игра па наместо да се занимава после секои избори со малверзациите околу потеклото на финансиите на партиите да воведе државно финансирање со распределба на 0,3% од буџетот на државата.

И до каде оди “нулта дискриминацијата“, ниту една од “големите“ политички партии тогаш не се произнесе за да дури еден субјект изрази задоволство за предлогот точно две години откако беше предложено. Да, токму така, за време на кампањата на последните парламентарни избори беше ВЕТЕНО дека ќе се разгледа можноста за враќање на стариот изборен модел односно една изборна единица.

Денеска иако “тешко“ оди усогласувањето на ставовите помеѓу власта и опозицијата за некои круцијални социјално-општествени проблеми и те како сложно,заеднички и УСОГЛАСЕНО се удира на партискиот плурализам од кој најверојатно и најмногу се плашат, небаре “малите“ ќе им ги изедат гласовите.

Сеуште не ни е до крај јасно дека од партискиот плурализам најголем победник ќе излезе демократијата во државата, па наместо едни те исти и лица и партии во парламентот, идеи и мисли ќе разменуваат повеќе нови глави и партии кои различно размислуваат.

Од друга страна пак сите партии подеднакво ќе сакаат самостојно да учествуваат во тој ДЕМОКРАТСКИ чин и нема да бидат принудени да учествуваат во големи коалиции.

Не го споменувам ова со намера некој да навредам туку сакам да укажам на тоа дека не треба да бегаме од плурализмот кој беше со сето срце воведен пред многу години и се покажа како одлична алатка за креирање на државната политика.

Се надевам дека оваа власт не го заборавила тоа ветување и час поскоро вклучувајќи ги сите политички партии, заедно да го отпочнат процесот на РЕдемократизација на изборниот модел, еднаков за сите, со нулта дискриминација.

За силна Македонија!

Пишува: Дино Блажески, претседател на УМС на ВМРО НП

поврзани објави

Последни објави